Скопје. 15 мај 2025 – Македонската берза на електрична енергија, управувана од Националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), значително го менува и модернизира енергетскиот сектор во земјата. Зоран Ѓорѓиевски, управител на МЕМО, во интервју за „Журнал“ на ЕВН Снабдување, зборуваше за достигнувањата на берзата, улогата на МЕМО во енергетската транзиција и плановите за понатамошен развој.
Македонската берза на електрична енергија започна со работа на 10 мај 2023 година, а од тогаш бројот на учесници се зголеми од 22 на 37 реномирани компании кои активно тргуваат. Со воспоставувањето на берзата, Македонија доби референтна цена на електричната енергија, што овозможува подобро планирање и предвидливост за сите учесници на пазарот.
„Берзата донесе повисока транспарентност и подобро формирање на цените, базирани на понудата и побарувачката. Ова им овозможи на компаниите да планираат потрошувачка и продажба на енергија со поголема сигурност и помали трошоци“, истакна Ѓорѓиевски.
МЕМО има важна улога во модернизацијата на целокупниот енергетски сектор, особено преку воведување нови пазарни механизми и зголемување на транспарентноста. Ѓорѓиевски нагласи дека енергетската интеграција со регионалните и европските пазари е клучна за стабилноста и ефикасноста на целокупниот систем.
„МЕМО активно работи на создавање конкурентен и интегриран електроенергетски пазар кој ќе биде поврзан со европскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема стабилност, пониски трошоци и подобра ефикасност во снабдувањето со енергија“, изјави Ѓорѓиевски.
Во изминатите години, МЕМО реализираше значајни проекти, а еден од поголемите успеси е воведувањето на регистарот на Гаранции на потекло на електрична енергија од обновливи извори. Ова е важен чекор, особено за компаниите кои извезуваат на европскиот пазар, бидејќи гаранциите ја потврдуваат еколошката потекло на енергијата.
„Станавме член на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), што ја зајакнува нашата посветеност кон транспарентноста на обновливата енергија. Веруваме дека интересот за ова ќе биде голем, бидејќи компаниите ќе можат да потврдат дека користат чиста енергија“, додаде Ѓорѓиевски.
Плановите за иднината на македонската берза се насочени кон поголема регионална интеграција и воведување нови механизми за тргување. Особено се очекува брзо поврзување со европскиот пазар на електрична енергија, што ќе донесе поголема конкуренција и поефикасно формирање на цените.
„Во декември минатата година потпишавме договор со Словенечката енергетска берза (БСП) за техничка поддршка која ќе овозможи пазарно поврзување (market coupling). Ова е важен чекор кон појаката соработка во рамките на иницијативата за пазарно поврзување на Југоисточна Европа“, рече Ѓорѓиевски.
Во интервјуто, Ѓорѓиевски посочи дека се надева дека во следните 5-10 години македонската берза на електрична енергија ќе стане целосно интегрирана со регионалните и европските пазари. Тој напомена дека глобалните енергетски предизвици ќе продолжат да влијаат на цените и стабилноста на пазарот, но дека МЕМО ќе продолжи да работи на обезбедување на балансиран развој и заштита на крајните потрошувачи.
„Наша цел е да постигнеме стабилен, транспарентен и конкурентен пазар кој ќе придонесе за одржлив економски раст и сигурно снабдување со електрична енергија. Со интеграцијата на обновливи извори и развојот на нови трговски механизми, верувам дека иднината на македонскиот енергетски сектор е светла“, заврши Ѓорѓиевски.
Со континуираните инвестиции во инфраструктурата и новите трговски можности, македонскиот пазар на електрична енергија продолжува да се развива и да игра важна улога во енергетската транзиција и економскиот развој на земјата.
Извор: МЕМО