Скопје. 28 април 2025 – АД МЕПСО објави нов меѓународен тендер за изградба на 400-киловолтен надземен далновод кој ќе ја поврзе Трансформаторската станица Битола 2 со македонско-албанската граница, објави директорот на компанијата, Бурим Љатифи, за време на прес-конференција одржана денес во Владата. Проектот, со проценета вредност од околу 17 милиони евра, се финансира преку заем и грантови од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и европските фондови.
Со изградбата на новиот интерконектор ќе се комплетира регионалниот енергетски коридор Исток-Запад, што е од суштинско значење за енергетската стабилност и регионалната интеграција. Рокот за доставување на понуди е 45 дена, а изборот на најповолен понудувач се очекува во третиот квартал од годинава. Изведбата на проектот ќе започне на почетокот на 2026 година, а комплетната реализација е планирана до крајот на 2027 година.
„Овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како клучен дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилен пристап до регионалните пазари и системски балансни услуги,“ изјави генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Тендерот следи по раскинувањето на договорот со претходниот изведувач „Енергоинвест“, кој, според МЕПСО, го загрозил проектот со неоправдани побарувања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот. Љатифи објасни дека до моментот на раскинување биле изградени само 24 од планираните 269 столбови.
За претходно набавената опрема, за која се исплатени околу 5,8 милиони евра, Љатифи информираше дека околу два милиони евра биле вратени преку банкарски гаранции, додека остатокот претставува опрема која е потврдена како исправна и корисна за завршување на проектот.
МЕПСО уверува дека новиот тендер ќе овозможи ефикасна реализација на проектот, што долгорочно ќе придонесе за стабилно, достапно и конкурентно снабдување со електрична енергија за граѓаните и индустријата.
Енергетика 24