Македонија има потенцијал зелената транзиција да ја претвори во клучен двигател на економскиот раст и модернизацијата, но успехот ќе зависи од темпото на реформите, инвестициите и адаптацијата на компаниите, оценува раководителот на претставништвото на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјата, Бјорн Габриел, во колумна за весникот „Нова Македонија“.
Според него, економијата на земјата во 2026 година се очекува да порасне за околу 3,2%, поддржана од растот на платите, јавните инвестиции и големи инфраструктурни проекти, како модернизацијата на железничкиот Коридор VIII. Сепак, тој предупредува дека слабата надворешна побарувачка и геополитичката неизвесност можат да ја забават економската динамика, што ја нагласува потребата од зајакнување на домашните извори на раст.
Габриел посочува дека дополнителен предизвик за македонските компании е новиот механизам на Европската Унија за јаглеродни граници (CBAM), кој ќе влијае врз околу 250 извозници од енергетски интензивните индустрии, како челикот и алуминиумот. Иако новите правила носат административни обврски, тие истовремено претставуваат можност за компаниите да инвестираат во почисти технологии, да ги намалат трошоците за енергија и да ја зголемат конкурентноста.
За поддршка на оваа трансформација, Стопанската комора, во партнерство со ЕИБ Глобално и Делегацијата на ЕУ, подготви водич за декарбонизација со практични алатки и насоки за компаниите. Паралелно, ЕИБ во изминатите 18 месеци обезбеди околу 100 милиони евра зелено финансирање преку Развојната банка и комерцијалните банки за мали и средни претпријатија. Со тие средства се поддржани 274 компании во 24 општини, повеќе од 50 проекти за обновлива енергија со капацитет од 105 мегавати, како и зачувување на речиси 18.000 работни места и отворање нови.
Климатските промени, според Габриел, остануваат сериозен ризик за земјата. Во изминатите две децении климатските катастрофи предизвикале штети од околу 560 милиони евра, а за адаптација во следната деценија ќе бидат потребни околу 6,4 милијарди евра инвестиции.
Во таа насока, ЕИБ финансира заем од 50 милиони евра за подобрување на инфраструктурата за водоснабдување, отпадни води и заштита од поплави во 80 општини, проект што ќе опфати околу 700.000 граѓани. Дополнително, новата пречистителна станица за отпадни води во Скопје, финансирана со 126 милиони евра кредити од ЕИБ и ЕБОР и 70 милиони евра грант од ЕУ, ќе опслужува повеќе од половина милион жители и ќе обезбеди значителен дел од националниот капацитет за третман на отпадни води.
И покрај напредокот, емисиите на стакленички гасови во земјата се намалуваат со темпо од само 1,47% годишно, што е значително под потребното ниво од околу 4% годишно за да се постигне климатска неутралност до 2050 година. Затоа, според Габриел, ќе биде потребно постепено напуштање на јагленот, поголемо користење сончева и ветерна енергија, подобрување на енергетската ефикасност и поддршка за регионите зависни од јаглен.
ЕИБ најавува дека ќе продолжи со финансирање на нови зелени проекти и со проширување на кредитните линии за компаниите. Во рамките на новиот Фонд за иновации и зелена трансформација за Западен Балкан од 187 милиони евра, фирмите од регионот ќе можат да добијат пристап до поволно финансирање за климатски, дигитални и иновативни проекти.
„Македонија има капацитет да ја забрза декарбонизацијата преку реформи, пристап до зелени финансии и посилна јавно-приватна соработка“, заклучува Габриел, нагласувајќи дека ЕИБ останува посветена на поддршката на економскиот развој, зелената трансформација и европската интеграција на земјата.
Извор: Нова Македонија
