Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Охрид. 11 јули 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот на МЕПСО за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.

На терен, министерката Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.

„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна министерката Божиновска.

РЕКЛАМА

Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.

Фото / Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

При посетата, министерката Божиновска беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.

Оваа посета е дел од заложбите на министерката Божиновска за редовна посета на енергетските капацитети со цел дирекно запознавање со состојбите и редовен увид.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads