Скопје. 25 јуни 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес го претстави годишниот отчет за првата година од своето постоење. На прес-конференцијата, министерката Сања Божиновска порача дека во изминатите 12 месеци е поставена основа за енергетска стабилност, сигурност и модерен развој.
„Пред една година имавме само идеја, еден документ и една канцеларија. Денес имаме институција со 109 професионалци, институција што носи резултати. Оваа година беше доказ дека можеме – следната ќе биде доказ дека не застануваме“, изјави министерката Сања Божиновска.
Министерството презентираше отчет со детални бројки и мерки кои покажуваат структурни промени во енергетскиот систем. Прв и најзначаен чекор, донесувањето на новиот Закон за енергетика – подготвен од домашни експерти, усогласен со европските директиви и поздравен од ЕУ и Енергетската заедница.
Со Законот се воспостави целосна либерализација на пазарот, дигитализација, воведување паметни броила и обврска за складирање енергија со батериски системи. Воведени се граѓански енергетски заедници. Фотоволтаици на згради за помали сметки, граѓаните ќе можат и да продаваат струја. Поттик и за Електромобилност – достапни полначи, намалени царински стапки.
За првпат се воведе методологија за енергетска сиромаштија и законска забрана за исклучување струја на ранливи категории во зима. Обезбедени се 60 милиони денари директна поддршка за ранливи категории, со најави за нови субвенции до крајот на годината;
Донесен е десетгодишен план за развој на преносната мрежа и за првпат МЕПСО е под надлежност на Министерството.Во рамките на рударството, спроведени 405 инспекции и одземени концесии кај прекршителите. Со новиот тарифник, во првиот квартал на 2025 година наплатени се 247 милиони денари од концесии – речиси двојно повеќе од лани.

„Националното богатство не смее да биде злоупотребувано. Затоа воведовме ред, контрола и критериуми. Но и нови можности – за фер рударство, еднаков пристап за жените, и ќе го заштитиме македонскиот рубин како национално богатство“, нагласи министерката.
Во отчетот беа претставени и напредокот во интерконективните проекти:
- Интерконекторот со Грција веќе се гради, со заштеда од 12 милиони евра и со домашна компанија како изведувач;
- Поврзувања со Албанија и Србија, Косово
- Започна изградба на трансформаторски станици во Битола, Милетково и Охрид-Елбасан;
- Почна и реализацијата на ГРИД мастер планот за паметна мрежа.
Годинава стартуваа и нови инвестиции во чиста енергија:
- Потпишани договори за три соларни централи („Битола 1“, „Битола 2“, „Осломеј 2“) кои ќе обезбедат струја за над 7.000 домаќинства;
- Започна втората фаза на ветерниот парк Богданци со инвестиција од 37,6 милиони евра;• Водостојот на хидроакумулациите, по внимателно менаџирање, е стабилизиран на над 50%.
Министерството презентираше и постигнувања во модернизацијата на пазарот:
- За првпат издадена е зелена гаранција за потекло на струја;
- Стартувано е тргување со електрична енергија во евра на берзата МЕМО;
- МЕМО е назначен за номиниран оператор на пазарот (НЕМО);
- Се развиваат нови модели за CfD аукции и спојување со европски пазари.
„Граѓаните не ги интересираат закони на хартија, туку реални ефекти. Кога велам стабилна цена на струја, зборувам за луѓе кои имаат светло во училница и топлина дома. Кога велам Чебрен ќе стане факт – зборувам за обврска, не за ветување, обврска дека секој мегават од таа брана ќе биде чекора кон нашата независност. “ изјави министерката Божиновска, истакнувајќи дека енергетиката е национален приоритет.
Министерството најави нови инвестиции во паметни мрежи, системи за складирање, електрични возила. Започна и тргување со електрична енергија во евра на македонската енергетска берза, а за првпат е издадена зелена гаранција за потекло на струја.
Министерството посочи и дека за првпат е формирано Советодавно тело во рамките на институцијата – составено од врвни експерти. За прв пат редовна ресорска координација. Формирана Комисија за следење на снабдувањето со електрична и топлотна енергија.
Од посебен акцент се и партнерствата: со универзитети, бизнис-заедницата, инспекциски служби, ЗЛЕК, УЈП, Царината и меѓународни институции (Светска банка, ЕБОР, IFC, UNDP). Преку ЕУ ИПА 3 започнаа зелени инвестиции од 5,2 милиони евра, а достапни се 85 милиони долари за праведна транзиција.
„Не се работи само за енергија. Се работи за тоа каков живот сакаме овде – и каква држава сакаме да оставиме на генерациите што доаѓаат. Ќе има ригорозни контроли, но и силна поддршка. Ќе инвестираме, модернизираме и ќе ја вратиме енергетската моќ во македонски раце – чиста, стабилна и паметна. Во нашите реки, ветрови, сонце не лежи само енергија – туку можност Македонија да стане лидер во регионот.
Македонија во 2025 ќе биде домаќин на светскиот форум за енергетска иднина. Светските енергетски лидери доаѓаат во Скопје – Македонија се позиционира на мапата сериозни енергетски актери “,додаде министерката Божиновска, заблагодарувајќи се на тимот од Министерството, на партнерите и на граѓаните.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини