Божиновска: Без компромис кога станува збор за здравјето – енергетската транзиција е нашиот одговор на аерозагадувањето

Скопје. 23 Мај 2025 – „Здравјето на граѓаните е неприкосновено. Аерозагадувањето не е само еколошки, туку и здравствен предизвик. Нашиот одговор е јасен – енергетска транзиција со конкретни мерки и силна контрола,“ изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за време на надзорната расправа на Собраниската комисија за здравство, посветена на влијанието од аерозагадувањето врз здравјето на населението.

Министерката Божиновска ги претстави активностите на Министерството, нагласувајќи дека тие се клучен партнер во реализацијата на „Планската програма за почист воздух 2024 – 2030“, која се фокусира на намалување на загадувањето преку:

  • субвенционирање на топлински пумпи и гасни котли за домаќинства;
  • развој на гасни когенеративни централи во урбани средини;
  • модернизација на јавните системи за греење преку проектот „Државата не загадува – водиме со пример“;
  • електрификација на такси флотата;
  • поддршка за граѓани и бизниси преку иницијативата Green Finance Facility.

„Свесни сме за влијанието на традиционалните енергетски капацитети врз квалитетот на воздухот. Но, она што ја влоши ситуацијата е неодговорната употреба на штетни горива од сомнително потекло – често за личен профит, на штета на здравјето на сите нас,“ рече Божиновска.

Реклама

Таа потсети на неодамнешниот случај со увоз на токсичен мазут за греење болници и јавни институции, кој е под истрага на Јавното обвинителство.„Овие случаи се силен сигнал зошто ни е потребен цврст систем, без простор за злоупотреби. Токму тоа го предвидува новиот Закон за енергетика – строга контрола и високи еколошки стандарди,“ додаде таа.

Божиновска нагласи дека Министерството активно инвестира и во обновливи извори на енергија, притоа задржувајќи ја транзициската улога на природниот гас.

„Зелената транзиција мора да биде праведна. Посветено работиме на модернизација на РЕК Битола, но истовремено инвестираме во соларни и ветерни централи. Регионалната соработка и новите енергетски интерконекции со Албанија, Грција и соседните земји се клучни за стабилен и интегриран енергетски пазар.“

Во заклучок, министерката Божиновска апелираше за меѓусекторска соработка:
„Аерозагадувањето не познава административни граници. Само со заеднички ангажман – од централно до локално ниво – можеме да го подобриме квалитетот на воздухот и да обезбедиме здрав живот за сите.“

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement