Скопје. 22 јули 2025 – Премиерот Христијан Мицкоски и претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, Шабан Џемаил, денеска потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвора патот за реализација на стратешки енергетски проект во вредност од една милијарда евра. Потпишувањето се одржа на заедничка прес-конференција, во присуство на владини претставници, бизнис лидери и медиуми.
Проектот предвидува три главни компоненти: изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија, поставување на дистрибутивна мрежа за природен гас и спроведување мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас. Според премиерот Мицкоски, овој проект претставува чекор кон јакнење на енергетскиот суверенитет и намалување на зависноста од увоз.
„Денеска испраќаме јасен сигнал дека имаме волја, план и капацитет да го обезбедиме својот енергетски суверенитет и да го заштитиме својот економски имтерес на државата на долги патеки.,“ изјави Мицкоски.
Шабан Џемаил од „Казанџи Груп“ потврди дека проектот е веќе подготвен и дека наскоро ќе започне неговата реализација. „Верувам дека со професионален пристап и блиска соработка ќе создадеме стратешки енергетски центар на Балканот,“ рече тој, изразувајќи благодарност до Владата за поддршката.
Владата истакна дека оваа соработка е резултат на одговорна и визионерска политика, насочена кон долгорочни стратешки цели. Очекувањата се дека проектот ќе има реално влијание врз индустријата, ќе создаде нови работни места и ќе поттикне дополнителни инвестиции.
„Казанџи Груп“ е еден од водечките светски играчи во енергетскиот сектор, со над 3.500 MW инсталиран капацитет и присуство во 22 земји на четири континенти.