Германската авиокомпанија Луфтханза разгледува воведување дополнителни слетувања за полнење гориво на дел од своите летови поради можен недостиг на авионско гориво предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток и нарушениот поморски превоз низ Ормускиот Теснец.
Извршниот директор на компанијата, Карстен Шпор, изјави дека менаџментот подготвува резервни решенија за да ги одржи најисплатливите прекуокеански линии во случај одредени аеродроми да останат без гориво.
„Доколку немате доволно гориво за да стигнете до крајната дестинација, тогаш мора да правите дополнителни застанувања за полнење. Сè уште не сме во таква состојба, но активно се подготвуваме“, изјави Шпор при претставувањето на тримесечните финансиски резултати на компанијата.
Воздухопловниот сектор се соочува со сериозен притисок откако беше прекинат дел од танкерскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, преку кој пристигнува речиси половина од увозот на авионско гориво за Европската Унија.
Луфтханза веќе минатата недела била принудена да прави дополнителни застанувања во Намибија, бидејќи на аеродромот во Кејптаун немало достапно гориво.
Слични проблеми имало и претходно. Подружницата Swiss International Air Lines во 2024 година морала да слета во Анталија за дополнително точење гориво на лет кон Дубаи. Други летови од Делхи и Сингапур кон Цирих биле пренасочувани преку Виена поради избегнување на воздушниот простор над Иран, Ирак и Израел.
Финансискиот директор на Луфтханза, Тил Штрајхерт, изјави дека снабдувањето со гориво засега е стабилно најмалку до крајот на јуни, особено на главните воздухопловни центри на компанијата.
„Доколку состојбата се влоши, можно е воведување дополнителни застанувања за полнење гориво на одредени линии кон Азија, Африка и други дестинации“, рече Штрајхерт.
Според анализите на Голдман Сакс, резервите на авионско гориво во Европа, без државните резерви, би можеле да паднат под критичните 23 дена до крајот на мај или почетокот на јуни. Ова ниво претходно беше означено како ризично од страна на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), бидејќи може да доведе до недостиг на гориво на европските аеродроми.
И покрај кризата, Луфтханза објави позитивни финансиски резултати во првото тримесечје, со раст на приходите од 8% на 8,7 милијарди евра.
Сепак, компанијата предупреди дека цените на авионското гориво, кои се удвоиле од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, ќе создадат дополнителни трошоци од околу 1,7 милијарди евра во текот на 2026 година.
Во април, Луфтханза укина околу 20.000 летови за да ги намали загубите од линиите што станале неисплатливи поради високите цени на горивото, а предвремено ја повлече и целата флота од 27 авиони на својата подружница Ситилајн.
Извор: Politico.eu
