Лорковски во Собранието: Забрзување на енергетските реформи клучно за интеграција со ЕУ

Скопје. 11 март 2026 – Македонија треба брзо да ги спроведе потребните законски реформи за подлабока интеграција на пазарите на гас и електрична енергија со Европската Унија, порача директорот на Секретаријатот на Енергетската Заедница, Артур Лорковски, во обраќањето пред Собранието на Македонија во средата.

Тој истакна дека, иако во 2025 година е постигнат значителен напредок, неопходно е забрзување на реформите за да се обезбеди стабилност и конкурентност на енергетските пазари и на економијата, особено во услови на зголемени геополитички неизвесности.

„Актуелната геополитичка реалност треба да биде аларм. Времето за интеграција е сега. Само интегрираните енергетски пазари можат да обезбедат доволно капацитет за заштита на граѓаните и бизнисите од идни шокови“, изјави Лорковски.

РЕКЛАМА

Во секторот за електрична енергија, Македонија во изминатата година направи значаен напредок кон интеграција со пазарот на ЕУ, вклучително и напредок во спроведувањето на Пакетот за интеграција на електричната енергија. По усвојувањето на преостанатото секундарно законодавство, Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската Комисија ќе можат да започнат процес на проверка на усогласеноста, што би овозможило поврзување на пазарите на електрична енергија уште пред членството во ЕУ.

Сепак, натамошната интеграција ќе зависи и од напредокот во декарбонизацијата и климатските обврски. Потребно е итно усогласување со главната директива за обновливи извори на енергија, со што ќе се воспостави рамка усогласена со ЕУ за растечкиот пазар на обновлива енергија во земјата. Паралелно, треба да се воспостават стандарди за мониторинг на емисиите и систем за ценообразување на јаглеродот, кој постепено ќе се усогласува со климатските правила на ЕУ.

Лорковски нагласи дека интеграцијата на пазарот на гас мора да стане приоритет за зајакнување на енергетската безбедност. Според Четвртиот пакет за гас на ЕУ, земјите членки од август 2026 година ќе мора да ги применуваат кодексите за гасната мрежа на сите граници, вклучително и со договорните страни на Енергетската заедница. Македонија веќе работи на усогласување со овие правила, при што операторот на преносниот систем и регулаторот имаат цел нивна примена до крајот на годинава.

Дополнително, потребен е напредок и во системите за управување со ризици и сигурност на снабдувањето. Во електроенергетскиот сектор, првиот план за подготвеност при ризици треба да се усвои во рок од една година од донесувањето на Законот за енергетика во 2025 година. Во гасниот сектор, пак, треба да се финализираат Планот за превентивни мерки и Планот за вонредни ситуации.

Во делот на нафтената безбедност, Македонија моментално располага со задолжителни резерви што покриваат околу 51 ден од нето-увозот, што е значително под обврската од 90 дена потребна за усогласување со стандардите на ЕУ. Според Лорковски, актуелните геополитички притисоци уште еднаш потсетуваат дека енергетската безбедност зависи од навремено воспоставување и одржување на овие резерви.

Извор: Energy-community.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил