Скопје. 3 јули 2025 – Енергетската реформа претставува најбрз пат за интеграција на Западен Балкан во европскиот енергетски пазар и клучен механизам за постигнување на заедничките климатски цели, изјави директорот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, на Самитот на лидерите од Западен Балкан што се одржа во Скопје на 1 јули годинава.
„Како што ЕУ го забрзува својот премин кон нето-нула економија, реформите во енергетиката ѝ нудат на нашата регија јасен пат кон инвестиции и усогласување,“ нагласи Лорковски. Според него, правното усогласување ќе биде темел за долгорочна енергетска интеграција, поголема конкуренција и премин кон почисти и поотпорни енергетски системи.
Лорковски посочи дека за ефикасна интеграција на регионот со европскиот енергетски систем се неопходни координирани чекори на три фронта: интеграција на пазарот на електрична енергија, функционализација на пазарот на гас и декарбонизација. Финализирањето на поврзувањето со електроенергетскиот пазар ќе овозможи на земјите учеснички пристап до ЕУ-дневни и интра-дневни пазари, што ќе помогне во стабилизирање на мрежите и заштита од надворешни ценовни шокови.
Сепак, пристапот до европските пазари мора да биде проследен со конкретни чекори кон намалување на емисиите и усогласување со европските климатски правила. Во однос на пазарот на гас, Лорковски истакна дека регионот влегува во клучна фаза, од изградба на инфраструктура кон реална функционалност. Интерконекторите како Грција–Бугарија и Србија–Бугарија бараат конкурентни тарифи, комерцијални текови и отворен пристап.
„Ниту една земја не може сама да обезбеди енергетска сигурност или диверзификација. Регионалната координација е клучна за да се ослободи прекуграничниот капацитет и да се обезбеди безбедна, пристапна енергија за сите“, порача Лорковски.
Како правен и технички мост меѓу Западен Балкан и енергетскиот систем на ЕУ, Секретаријатот на Енергетската заедница останува посветен на поддршката на државите од регионот во спроведувањето на неопходните реформи за целосна интеграција и климатска отпорност.
Извор: Енергетска заедница