Лидерите на ЕУ поделени околу енергетските цени и реформите на системот за емисии

Лидерите на Европската унија во текот на вчерашниот ден расправаа за растечките цени на енергијата и можните измени на европскиот систем за тргување со емисии (ЕТС), но остануваат поделени околу насоката на идната климатска политика.

Дел од лидерите силно го поддржаа постојниот систем. Шпанскиот премиер Педро Санчез истакна дека ниските цени на струјата во Шпанија се доказ за неговата ефикасност, предупредувајќи дека некои влади ја користат енергетската криза како изговор за слабеење на климатските мерки. Сличен став изнесе и финскиот премиер Петери Орпо, кој нагласи дека инвестициите во чиста енергија придонесуваат за пониски цени.

Холандскиот премиер Роб Јетен изјави дека поддржува прилагодување на политиките, но не и нивно укинување, потенцирајќи дека системот за тргување со емисии ѝ заштедил на ЕУ милијарди евра од увоз на фосилни горива.

РЕКЛАМА

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека системот е „добар механизам“ кој овозможува транзиција кон почиста енергија, но повика на поголема флексибилност во сегашните услови. Постоечкиот систем ги опфаќа енергетски интензивните индустрии, производството на електрична енергија, поморскиот и авионскиот сообраќај, додека новиот систем за транспорт и објекти се очекува да започне во 2028 година.

Од друга страна, дел од земјите сметаат дека сегашните цели се премногу амбициозни. Чешкиот премиер Андреј Бабиш, заедно со уште девет лидери, оцени дека патеката за намалување на емисиите до 2034 година е „престрога“. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер побара цената на гасот да се исклучи од системот, со цел да се намалат трошоците за индустријата.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, најави можни измени кои би овозможиле стабилизирање на цените, вклучително и користење на резерви од дозволи за емисии за ублажување на пазарните шокови. Таа најави и дека претстојната ревизија на системот во јули ќе понуди „пореалистична“ патека за декарбонизација по 2030 година.

Во дебатата се отворија и прашања за нееднаквоста меѓу земјите членки. Шведскиот премиер Ulf Kristersson истакна дека ниската зависност од гас ја штити Шведска од ценовни шокови, додавајќи дека не е прифатливо други земји да бараат дел од приходите наменети за развој на националната енергетска мрежа.

Дебатата покажува дека ЕУ се соочува со сложен баланс меѓу одржување на конкурентноста, контрола на цените на енергијата и продолжување на зелената транзиција.

Инаку, системот за тргување со емисии на Европската унија (ЕТС) претставува клучен механизам на блокот за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, преку кој компаниите добиваат или купуваат дозволи за загадување, а вкупниот број на тие дозволи постепено се намалува. На тој начин се создава финансиски притисок врз индустријата да инвестира во почисти технологии, но во исто време растот на цената на дозволите може да влијае врз зголемување на трошоците за енергија, што е во фокусот на актуелните дебати меѓу земјите членки.

Извор: Argusmedia.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил