Приштина. 29 мај 2025 — Одлуката на Владата на Косово за либерализација на пазарот на електрична енергија отвора нова економска криза, откако бизнис-секторот се соочува со значително повисоки трошоци за струја, во споредба со досега регулираните цени. Како предупредување, незадоволни стопанственици најавија блокада на главните патишта кон главниот град Приштина во четврток, 29 мај, во траење од два часа.
Од 1 јуни, сите компании со годишен промет над 10 милиони евра ќе бидат обврзани да набавуваат струја на слободниот пазар, губејќи го правото на регулирана цена. Косово е последната држава во регионот која го немаше отворено својот пазар на електрична енергија, а одлуката била неколкупати одложувана од 2017 година наваму.
Според Косовската стопанска комора (KCC), од вкупно 19 лиценцирани снабдувачи со електрична енергија, само компанијата KESCO понудила договори на пазарот – и тоа по цени повеќекратно повисоки од сегашните регулирани тарифи.
Сериозна загриженост во врска со ваквиот развој на настаните изрази и Американската стопанска комора во Косово, која предупреди дека моменталниот модел на либерализација претставува ризик за економската активност, вработеноста и долгорочната конкурентност на земјата. Комората проценува дека некои бизниси се соочуваат со зголемување на цените за електрична енергија и до 200%.
Протестот закажан за денес доаѓа по серија состаноци и обиди да се одложи имплементацијата на мерката. KCC побара од Владата да овозможи фер и постепен транзициски период кој ќе обезбеди одржлива интеграција на бизнисите на слободниот пазар.
„Ако институциите не реагираат и не преземат конкретни чекори за да ги адресираат барањата на бизнисите, протестите ќе продолжат“, се вели во соопштението на Комората.
Дополнително, KCC тврди дека одлуката на Регулаторната комисија за енергија (ERO) е донесена без соодветна анализа и без консултации со засегнатите страни. Поради тоа, најавена е и правна постапка за оспорување на одлуката.
Извор: Balkan Green Energy News