Виена. 14 јули 2025 — На Деветтиот меѓународен семинар на ОПЕК што се одржа минататa недела во Виена, директорот на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), Франческо Ла Камера, упати јасна и недвосмислена порака: глобалниот енергетски систем се наоѓа во фаза на длабока трансформација кон обновливи извори, но темпото на таа промена мора да се забрза доколку светот сака да ги исполни климатските цели.
Во разговор за студиото на Energy Connect, Ла Камера истакна дека само во 2024 година биле инсталирани 585 гигавати нови капацитети од обновливи извори, што претставува зголемување од 60% во однос на вкупната нуклеарна енергија инсталирана во светот во изминатите 70 години. „Минатата година, дури 92% од новоинсталираните капацитети беа од обновливи извори,“ нагласи тој. „Овие бројки јасно покажуваат дека светот преминува кон нов енергетски систем каде обновливите извори ќе доминираат, потпомогнати од одржлива употреба на биомаса и водород, додека уделот на фосилните горива ќе продолжи да опаѓа.“
Сепак, Ла Камера предупреди дека и покрај охрабрувачките трендови, тековните инвестиции не се доволни за светот да остане на патеката кон исполнување на Парискиот договор. „Годишно се инвестираат меѓу 600 и 700 милијарди долари во обновливи извори, но ни се потребни над 1,5 трилиони долари за навистина да се усогласиме со климатските цели,“ посочи тој.
Темата на годинешниот семинар на ОПЕК – „Заедничко трасирање на патиштата“ – ја нагласи потребата од инклузивна енергетска транзиција која ќе ги вклучи сите извори на енергија. Ла Камера се согласи дека фосилните горива не можат да се елиминираат преку ноќ, но мора да се сведат на минимум на контролиран и одржлив начин. „Никогаш не сме рекле дека инвестициите во нафта и гас треба целосно да престанат,“ додаде тој. „Системот мора да се одржува во рамнотежа, додека паралелно го забрзуваме развојот на обновливите извори.“
Целта на ИРЕНА за тројно зголемување на глобалните капацитети за обновлива енергија – на 11,2 теравати до 2030 година – е клучна за остварување на целта за намалување на глобалните емисии за 40–42 проценти, како што препорачува Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC). „Ова е патеката по која мора да продолжиме ако сакаме да останеме во рамките на целите од Парискиот договор,“ нагласи Ла Камера.
Осврнувајќи се на пошироките прашања за енергетска правда, тој ја критикуваше досегашната централизиранa енергетска архитектура заснована на фосилни горива, која, како што рече „остави премногу луѓе зад себе“. „Децентрализираните решенија со обновливи извори претставуваат реална можност да обезбедиме инклузивност и да се справиме со енергетската сиромаштија,“ изјави тој.
Ла Камера ја поздрави и сè поголемата соработка меѓу ИРЕНА и традиционалните енергетски актери, вклучително и ОПЕК. „Ние не сме непријатели, ние сме дел од истиот свет, и тој свет се менува. Бројките се јасни и за нас и за нив,“ заклучи тој.
Разговорите на семинарот во Виена испратија важна порака: за да се обезбеди праведна, сигурна и климатски одржлива енергетска иднина, потребни се координирани напори и инвестиции од сите страни на глобалната енергетска сцена.
Извор: EnergyConnects