Колку траат домашните соларни панели и што го одредува нивниот век?

Во светот, сè повеќе домаќинства се одлучуваат за поставување соларни панели, често преку долгорочни договори за кредит или закуп кои траат до 20 години. Но, колку навистина може да издржи еден соларен панел? Според податоците на Националната лабораторија за обновлива енергија на САД (NREL), животниот век на квалитетно изработен соларен панел често достигнува 25–30 години, а во некои случаи и повеќе.

Со текот на времето, сите панели губат дел од својата ефикасност поради природен процес наречен деградација. Просечното годишно намалување на моќноста е околу 0,5%, што значи дека по 20 години работа, панелите сè уште произведуваат околу 90% од почетната енергија. Премиум брендови како Panasonic и LG имаат пониска стапка на деградација – околу 0,3% годишно, додека кај некои поевтини модели таа може да достигне и 0,8%. По четврт век, тоа значи разлика меѓу 93% и 82% од оригиналната продуктивност.

Причините за овој пад се повеќеслојни. Дел се должат на квалитетот на материјалите и изработката, а дел на влијанието на средината. Потенцијално индуцираната деградација (PID) настанува кога напонските услови и протекувањето на струја предизвикуваат миграција на јони меѓу полупроводничкиот материјал и другите делови од модулот, што може значително да ја намали моќноста. Друг вид е деградацијата предизвикана од светлина (LID), при која панелите губат 1–3% ефикасност уште во првите часови од изложувањето на сонце.

РЕКЛАМА

Временските услови играат клучна улога во стареењето на панелите. Високите температури ја намалуваат моменталната ефикасност, но и забрзуваат долгорочната деградација преку т.н. термички циклуси, ширење на материјалите при топло време и собирање при студено, што со текот на времето создава микро-пукнатини. Силните ветрови предизвикуваат механички оптоварувања што исто така водат до оштетувања, а снегот, иако обично се лизга поради топлината и мазната површина на панелите, може да создаде тежина која влијае на конструкцијата.

Правилната инсталација е клучна за долготрајноста. Панелите треба да бидат поставени неколку сантиметри над покривот за да се овозможи циркулација на воздухот, инвертерите и другата чувствителна електроника да бидат сместени во сенка, а конструкцијата да биде оптимизирана за условите во конкретниот регион – било тоа високи температури, силни ветрови или големи снежни оптоварувања.

Сите квалитетни панели поминуваат тестирања според меѓународниот стандард IEC 61215, кој вклучува проверки за отпорност на ветер, снег, УВ-зрачење, влага, замрзнување, екстремни температури и удари од град. Ознаката на Underwriters Laboratories (UL) дополнително потврдува дека панелот ги исполнува безбедносните и техничките барања.

Според големо истражување на NREL, дефектите кај панелите се ретки – околу пет на 10.000 годишно – а стапката на откажување значително се намалила кај системите инсталирани по 2000 година. Дури 80% од застојот на соларните системи не се должи на панелите, туку на инвертерите, уредите што ја претвораат произведената еднонасочна струја во наизменична, погодна за употреба во домаќинствата.

Иако деградацијата е неизбежна, со квалитетна опрема, внимателна инсталација и минимално одржување – како безбедно чистење и внимателно отстранување снег – домашните соларни панели можат да обезбедуваат чиста енергија со децении.

Извор: Pv-magazine.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads