Пекинг. 24 август 2025 – Кинеската фотонапонска индустриска асоцијација (CPIA) официјално ги повика производителите на соларни компоненти да престанат со продажба под трошоците на производство и да го усогласат производството со реалната побарувачка, нагласувајќи дека иднината на секторот мора да се гради врз принципот „опстанок на најспособните“.
Повикот доаѓа по повеќедневни консултации со индустријата и државните органи и во момент кога најголемата соларна индустрија во светот се соочува со сериозна криза од преголема понуда, драстичен пад на цените и огромни финансиски загуби. Кина денес држи околу 80–85% од светското производство на панели, а од 2021 до 2023 година глобалните капацитети за соларни панели се утројни, што доведе до производство далеку над побарувачката.
Само во 2024 година кинеските компании изгубија околу 40 милијарди долари, а некои извештаи зборуваат и за 60 милијарди, додека бројот на вработени се намали за речиси една третина или околу 87.000 луѓе. Како одговор, индустриските лидери и властите разработуваат план за формирање картел меѓу најголемите производители на поли-силициум со инвестиција од 50 милијарди јуани за откуп и затворање на неефикасни капацитети, во обид да се стави крај на ценовните војни и да се стабилизира пазарот.
Министерството за индустрија и информациони технологии инсистира на „редовен и здрав развој“, барајќи од компаниите да го запрат деструктивното наддавање со ниски цени, но плановите се соочуваат со отпор од локалните власти и помалите фирми кои стравуваат од губење работни места и приходи.
Во меѓувреме, глобалниот пазар веќе ги чувствува последиците од кинеската доминација: евтините панели овозможија забрзана транзиција кон обновлива енергија и рекордни инсталации во земјите во развој, како што е Африка, која само во мај увезе 1,57 GW кинески панели, но истовремено го притиснаа производството во САД и Европа и предизвикаа нови трговски и технолошки тензии.
CPIA апелира компаниите да се фокусираат на квалитет, безбедност и почитување на интелектуалната сопственост, а од енергетските компании бара цената да не биде единствен критериум на тендерите, што е сигнал дека властите се решени постепено да ја пренасочат индустријата од масовна експанзија кон поодржлив модел, иако патот до таму ветува тежок процес на консолидација.
Извор: Ројтерс