Катимерини: Странските инвеститори се повлекуваат од грчкиот пазар за обновлива енергија

Атина. 8 јули 2025 – Грчкиот пазар за обновливи извори на енергија повеќе не изгледа привлечно за големите странски инвеститори. Последниве месеци, неколку реномирани европски компании ја напуштаат земјата, повикувајќи се на административни пречки, сè почести намалувања на испораката на струја и пад на цените до нула — фактори што драматично го намалуваат профитот.

Еден од најзначајните примери е германската ABO Energy, која по седум години присуство и планирани инвестиции од 1,5 GW, одлучи целосно да се повлече од Грција. Компанијата ја продаде својата грчка филијала, ABO Energy Hellas, на Helleniq Energy, а директорот Карстен Шлацер изјави: „Имавме позитивни искуства во Грција и сме благодарни за поддршката од тимот и институциите.“

Оваа одлука е дел од поширока тенденција на реструктуирање во секторот, каде што помали или самостојни играчи сè потешко можат да се носат со нестабилноста на пазарот. Сега, главната тежина ја преземаат вертикално интегрирани компании што можат да го амортизираат ризикот преку активности во снабдување и трговија со енергија.

Реклама

Во меѓувреме, португалската EDPR и француската Total Energy исто така бараат купувачи за своите грчки портфолија, додека Lightsource BP наводно размислува за продажба на 50% од своите операции. Минатата година, таа компанија веќе продаде 110 MW проекти на Helleniq Energy.

Пазарот, како што предупредува претседателот на здружението ELETAEN, Панагиотис Ладакакос, не е едноставен: „Грција е комплицирана земја, со силна бирократија и многу непредвидливи институционални промени. Митот за бесконечни можности полека се распаѓа, а разочараноста расте.“

Ова масовно повлекување ја навестува потребата од нова насока и стабилна регулатива, ако Грција сака повторно да стане привлечна дестинација за странски инвестиции во енергетиката.

Извор: Екатимерини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement