Јоргенсен: ЕУ останува на планот за прекин на увозот на руска нафта до 2028 г.

Копенхаген. 5 септември 2025 – Европската унија останува цврсто посветена на планот за целосно прекинување на увозот на руска нафта до 2028 година, изјави европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен во интервју за „Ројтерс“ дадено во Копенхаген. Тој потенцира дека до овој момент не добил директен притисок од Вашингтон за забрзување на процесот, иако американскиот претседател Доналд Трамп ден претходно ги повика европските лидери да прекинат со купувањето руска нафта.

Путин ја претвори енергијата во оружје и ги уценуваше земјите-членки на Унијата. Со тоа што продолжуваме да купуваме руска нафта, индиректно го финансираме неговото војување во Украина. Тоа мора да запре. Доколку претседателот Трамп го поддржи овој став, тоа ќе биде добредојдено како дополнителна поддршка за нашата цел,“ истакна Јоргенсен.

Русија сè уште останува значаен енергетски снабдувач на Европа. Според податоците на Европската комисија, годинава се очекува приближно 13% од европските потреби за гас да бидат покриени од Русија, што е значително намалување во однос на 45% пред почетокот на целосната инвазија врз Украина во 2022 година.

РЕКЛАМА

Најголем противник на европскиот план се Унгарија и Словачка, кои и понатаму увезуваат руска сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“ во количина од 200 до 250 илјади барели дневно – што претставува околу 3% од вкупната побарувачка на ЕУ. Двете земји тврдат дека забраната би предизвикала нагло зголемување на цените и можни недостиг на енергенси.

Јоргенсен посочи дека Брисел е во постојан дијалог со Будимпешта и Братислава за нивните грижи, но нагласи дека усвојувањето на планот не бара едногласност меѓу сите земји-членки. „Доколку некои држави, поради внатрешни причини, не можат да го поддржат предлогот, тоа не е пречка – процесот може да продолжи и без нивната согласност,“ изјави тој.

Очекувањата се министрите за енергетика на земјите од ЕУ да го разгледаат и евентуално одобрат предлогот на состанок закажан за следниот месец.

Паралелно, Јоргенсен најави дека следната недела во Брисел ќе има средба со американскиот секретар за енергетика Крис Рајт. Разговорите ќе бидат фокусирани на спроведувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кој предвидува европските држави да обезбедат годишни набавки на американски енергенси во вредност од 250 милијарди долари. Аналитичарите предупредуваат дека оваа цел е премногу амбициозна, делумно затоа што Европската комисија има ограничена контрола врз увозните одлуки на приватните компании.

„Нашата улога е да посредуваме и да создадеме услови. ЕУ не е трговец со гас, но можеме да ја обединиме побарувачката на европските компании за да се овозможи поголема куповна моќ,“ заклучи Јоргенсен.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба