Софија. 8 октомври 2025 – Југоисточна Европа би можела целосно да ја прекине зависноста од рускиот гас до 2028 година доколку го диверзифицира снабдувањето преку гасоводната мрежа „Вертикален коридор“, која се протега од Грција до Украина, соопшти бугарскиот оператор за пренос на гас „Булгартрансгас“.
Извршниот директор Владимир Малинов изјави дека внесувањето на значителни количини американски течен природен гас (LNG) преку инфраструктурата на „Вертикалниот коридор“, вклучувајќи го и грчкиот терминал во Александрополис, ќе овозможи регионот да се подготви за прекин на долгогодишните договори за купопродажба на руски гас, како што предлага Европската комисија.
Малинов нагласи дека природниот гас ќе остане клучен енергетски извор и по 2050 година, што ја прави диверзификацијата на снабдувањето уште поважна.
Европската унија планира целосно да забрани долгорочни договори со Русија до почетокот на 2028 година, а купувањето гас на спот пазарот од „Гаспром“ би можело да биде прекинато уште следната година.
Сепак, експертите предупредуваат дека транспортот на LNG и натаму претставува предизвик. Извршниот директор на украинската компанија D.Trading, Дмитро Сахарук, изјави дека иако капацитетот на американскиот LNG може да се удвои до 2030 година – од сегашните 150 на над 300 милијарди кубни метри годишно – пристапот до дистрибутивните рути и тарифите сè уште претставуваат пречка.
„Сè додека Европа не ги реши прашањата околу транспортот и трошоците за LNG кон централна, источна и југоисточна Европа, како и кон Украина и Молдавија, зависноста од Русија ќе остане“, изјави Сахарук.
Како позитивен пример тој ја посочи експанзијата на грчките LNG капацитети, но и додаде дека Трансбалканскиот гасовод е недоволно искористен поради високи тарифи и политички тензии.
„Вертикалниот коридор“ ќе ги поврзува инфраструктурите на Грција, Бугарија, Романија, Словачка, Унгарија, Молдавија и Украина, а се очекува да биде функционален до почетокот на 2027 година.
Бугарија планира да го пушти во работа својот дел од коридорот во последниот квартал од 2026 година, а грчкиот терминал во Александрoполис, со годишен капацитет од 5,5 милијарди кубни метри, минатата недела го зголеми искористувањето од 25% на 75%.
Извор: Bulgartransgaz.bg