Извршниот директор на ExxonMobil, Дарен Вудс, изјави дека нафтата и гасот ќе имаат долгорочна и значајна улога во светската економија, иако нивната употреба како гориво може да се промени со текот на времето.
„Суровата нафта и јаглеводородите ќе продолжат да бидат критични за секојдневниот живот уште долго време,“ рече Вудс во интервју за Ројтерс на Форумот за одржливи иновации оджан минатата недела во Сао Паоло. Според него, идните технолошки достигнувања можат да доведат до намалување на согорувањето на фосилни горива, но тие ќе продолжат да се користат во други сектори, како медицината.
Вудс предупреди дека глобалната борба против климатските промени е отежната поради недостиг на прецизно следење на емисиите на јаглерод. „Без механизам за точно сметководство на емисиите, „нето нула“ останува само слоган,“ рече тој, повикувајќи на воспоставување транспарентен систем за следење на јаглеродниот отпечаток низ синџирите на вредност.
Изјавата на Вудс доаѓа во пресрет на почетокот на климатската конференција на Обединетите нации COP30, што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем. ОН неодамна предупредија дека светот е на пат да ја надмине целта за ограничување на глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови, поставена со Парискиот договор во 2015 година.
Вудс исто така изрази оптимизам за враќањето на ExxonMobil во Ирак, по потпишувањето на прелиминарен договор за управување и развој на нафтеното поле Мајнун во јужниот дел на земјата. „Процесот е во рана фаза, но мора да обезбедиме инвестицијата да биде корисна и за компанијата и за ирачката влада,“ додаде тој.
Извор: Ројтерс
