Абу Даби. 14 октомври 2025 – И покрај рекордниот раст на обновливите извори на енергија во изминатата година, светот сè уште е далеку од исполнување на целите за тројно зголемување на капацитетите и двојно подобрување на енергетската ефикасност до 2030 година. Ова го покажува новиот извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), претседателството на COP30 во Бразилија и Глобалната алијанса за обновлива енергија (ГРА), објавен во рамките на подготовките за конференцијата COP30.
Според извештајот, во 2024 година биле додадени рекордни 582 гигавати (GW) нови капацитети од обновливи извори на енергија – највисока бројка досега. Сепак, за да се постигне целта утврдена со Консензусот од ОАЕ на COP28, односно тројно зголемување на глобалните обновливи капацитети до 11,2 теравати (TW) до 2030 година, потребно е светот да додава најмалку 1.122 GW годишно, со годишен раст од 16,6% до крајот на деценијата.
Во делот на енергетската ефикасност, напредокот е уште послаб. Глобалната енергетска интензивност се подобрила за само 1% во 2024 година, што е далеку под потребниот годишен напредок од 4% за задржување на глобалното затоплување под 1,5°C.
Извештајот повикува на итна мобилизација на владите за:
- вклучување на целите за обновлива енергија во националните климатски планови (NDC 3.0) пред COP30;
- удвојување на климатската амбиција во согласност со глобалните цели; и
- зголемување на инвестициите во обновливи извори на најмалку 1,4 трилиони долари годишно во периодот 2025–2030, повеќе од двојно од вложените 624 милијарди долари во 2024 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека „револуцијата на чистата енергија е неповратна“, но предупреди дека времето за дејствување истекува:
„Светот мора да ја забрза праведната енергетска транзиција – за сите, насекаде. Прозорецот за ограничување на глобалното затоплување на 1,5°C се затвора.“
Директорот на ИРЕНА, Франческо ла Камера, истакна дека постигнатите рекорди не се доволни сами по себе:
„Обновливите извори не се само најисплатливо климатско решение, туку и најголемата економска можност на нашето време. Потребни се побрза имплементација, модернизација на електромрежите и посилни синџири на снабдување.“
Според претседателот на Глобалната алијанса за обновлива енергија, Бен Беквел, приватниот сектор веќе е двигател на транзицијата, обезбедувајќи три четвртини од глобалните инвестиции во чиста енергија, но додава дека „се потребни долгорочни владини стратегии, стабилни проекти и вложувања во електромрежи и складирање на енергија“.
Извештајот ги повикува земјите од Г20 и Г7 да ја преземат водечката улога, бидејќи до 2030 година тие се очекува да сочинуваат над 80% од глобалните обновливи капацитети. Од развиените економии се бара да обезбедат финансиска поддршка во согласност со новата цел за климатско финансирање, минимум 300 милијарди долари годишно, со постепено зголемување кон 1,3 трилиони долари, како што беше потврдено на COP29 во Азербејџан.
Во извештајот се нагласува и дека стабилната транзиција кон чиста енергија бара зголемени вложувања во електрични мрежи, батериски системи за складирање и производство на чисти технологии. До 2030 година, само за модернизација и проширување на електричните мрежи ќе бидат потребни околу 670 милијарди долари годишно.ветот.
Извор: Irena.org