Глобалната транзиција кон чиста енергија доби силен импулс во 2025 година, кога беа инсталирани рекордни 692 гигавати нов капацитет од обновливи извори, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за обноивлива енергија – ИРЕНА
Според извештајот, насловен како „Статистика за обновлив капацитет 2026“, вкупниот инсталиран капацитет достигнал 5.149 гигавати, што претставува раст од 15,5% на годишно ниво. Притоа, обновливите извори учествуваат со дури 85,6% во вкупното проширување на енергетските капацитети, што дополнително ја потврдува нивната доминантна улога во глобалниот енергетски развој.
Во анализата се посочува дека зголемените геополитички тензии и нестабилноста на пазарите на фосилни горива повторно ја ставаат енергетската сигурност во фокусот на светската јавност. Во такви услови, обновливите извори се препознаваат како поотпорна и посигурна алтернатива, бидејќи се домашно достапни, поевтини и можат брзо да се интегрираат во националните енергетски системи.
Генералниот директор на ИРЕНА, Франческо Ла Камера, оценува дека континуираниот раст на обновливата енергија јасно ја потврдува нејзината стабилност и отпорност. „Земјите што навреме инвестираа во енергетската транзиција денес полесно се справуваат со економските последици од кризите, истовремено зајакнувајќи ја својата енергетска сигурност и конкурентност“, посочува Ла Камера.
Најголем придонес во растот има сончевата енергија, со нови 511 гигавати, што претставува околу три четвртини од вкупниот додаден капацитет. Веднаш зад неа е ветерната енергија со 159 гигавати. Заедно, овие два извора сочинуваат речиси целосен удел од 96,8% од новите обновливи капацитети, што, според извештајот, е резултат и на значителното намалување на трошоците за нивна изградба и експлоатација. Биoенергијата бележи поскромен, но стабилен раст, со дополнителни 3,4 гигавати.
Извештајот укажува и на изразени регионални разлики во развојот. Азија останува убедливо водечки регион, со над 74% од новоинсталираниот капацитет, односно 513,3 гигавати, што претставува раст од 21,6%. Африка бележи најголем процентуален напредок од 15,9%, поттикнат од инвестициите во Етиопија, Јужна Африка и Египет. Во меѓувреме, Блискиот Исток регистрира најбрза стапка на раст од 28,9%, предводен од Саудиска Арабија.
Во однос на вкупниот капацитет, Азија ја задржува лидерската позиција со 2.891 гигават, додека Европа следи со 934 гигавати. Најниско ниво на развој имаат Централна Америка и Карибите, со вкупно 21 гигават, што, како што се наведува, ја нагласува нивната ранливост и потребата од забрзано вложување во обновливи извори.
Меѓу технолошките трендови доминираат фотоволтаичните системи, кои сочинуваат речиси целосен дел од растот на соларната енергија. Хидроенергијата е зголемена за 18,4 гигавати, главно благодарение на Кина, додека ветерната енергија бележи раст од 14% и рекордни нови инсталации. Биoенергијата најмногу напредува во Јапонија, а геотермалната енергија бележи умерен, но стабилен пораст.
Дополнително, извештајот нотира и зголемување на автономните енергетски системи за 1,7 гигавати, претежно базирани на сончева енергија, што ја потврдува нивната сè поголема улога во обезбедувањето електрична енергија во оддалечени и недоволно развиени региони.
Извор: IRENA.org
