ИРЕНА: Обновливите извори на енергија убедливо поевтини од фосилните горива, но светот се соочува со нови пречки

Абу Даби. 23 јули 2025 – Обновливите извори на енергија продолжуваат да доминираат на светската енергетска сцена како најисплатлива опција, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА). Но, и покрај позитивниот тренд, ИРЕНА предупредува и на сè поголеми предизвици во финансирањето и интеграцијата на овие извори, особено во земјите во развој.

Според извештајот “Трошоци за производство на електрична енергија од обновливи извори во 2024”, обновливите извори лани остварија значителна ценовна предност во однос на фосилните горива. Соларните фотонапонски системи беа во просек 41% поевтини, а проектите со копнен ветер дури 53% поевтини од најевтините фосилни алтернативи. Електричната енергија од копнен ветер се произведуваше по цена од само 0,034 долари за киловат-час, додека соларната енергија достигна цена од 0,043 долари за киловат-час.

Во 2024 година беа инсталирани 582 гигавати нов капацитет од обновливи извори, со што беа избегнати трошоци за фосилни горива во вредност од околу 57 милијарди долари. Впечатлив е и податокот дека 91% од новите обновливи проекти беа поекономични од која било нова фосилна алтернатива.

РЕКЛАМА

Меѓутоа, ИРЕНА укажува дека и покрај ценовната предност, краткорочните ризици се зголемуваат. Геополитички тензии, трговски царини и нестабилност во снабдувањето со суровини, особено со оглед на зависноста од производството во Кина, можат привремено да ги зголемат трошоците. Проблемите со мрежната инфраструктура, бавните дозволи и ограничените капацитети за приклучување се дополнителни препреки, особено во земјите од Г20 и растечките економии.

Според ИРЕНА, стабилните регулативи и предвидливи приходи се клучни за привлекување капитал, особено во земјите со ограничен пристап до поволно финансирање. Притоа, високите каматни стапки и перцепцијата за ризик во некои земји го зголемуваат трошокот за производство. Така, иако цената на енергијата од ветер во Европа и Африка беше слична (околу 0,052 долари/кWh), во Африка финансирањето учествуваше со значително поголем дел во вкупните трошоци.

Позитивна вест е драматичниот пад на цените на батериските системи за складирање – 93% пониски од 2010 година – што ја олеснува интеграцијата на нестабилните извори како ветерот и сонцето. Комбинирањето на батерии, хибридни системи и вештачка интелигенција сè повеќе придонесуваат за стабилноста на енергетските мрежи. Сепак, модернизацијата на мрежите и дигиталната инфраструктура сè уште се критични предизвици, особено во земјите во развој.

ИРЕНА заклучува дека иднината на енергетиката е зелена, но не и автоматска. За таа иднина да биде правична и достапна за сите, потребни се координирани напори, стабилни политики и отворени глобални пазари.

Извор: ИРЕНА

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads