Атина. 13 август 2025 — Југоисточна Европа се наоѓа на клучен крстопат за својата енергетска иднина, предупредува новиот извештај на Институтот за енергија на ЈИЕ (IENE). Регионoт се соочува со сложен спој на геополитички тензии, прекини во снабдувањето и итна потреба од премин кон нискојаглеродни извори на енергија.
Извештајот „Нови предизвици за енергетската безбедност во ЈИЕ“, изготвен од Костис Стамболис, Џон Робертс и Димитрис Мезартасоглу, потсетува дека кризата од 2022–2023 година, поттикната од руската инвазија врз Украина и намалувањето на извозот на гас, драматично ја смени европската енергетска карта. Извозот на руски гас преку гасоводи кон Европа падна од 150 на помалку од 43 милијарди кубни метри во 2023 година, што предизвика трка за алтернативи.
Иако увозот на LNG од САД, Катар и Норвешка помогна да се ублажи ударот, високите цени предизвикаа индустриски затворања и пад на потрошувачката на гас на најниско ниво во последната деценија. IENE предупредува дека природниот гас ќе остане „преоден енергенс“ за ЈИЕ во следната деценија, поради нестабилното производство од обновливи извори и ограничувањата на мрежата.
Притоа, регионoт се профилира како клучен транзитен коридор за гас од Каспискиот регион, Источниот Медитеран и глобалните LNG пазари кон остатокот од Европа. Проекти како Јужниот и Вертикалниот гасен коридор и терминалите во Ревитуса и Александрополис се од стратешко значење, но високите транзитни такси, регулаторнитњ разлики и политичкитњ тензии го забавуваат напредокот.
IENE ги посочува наоѓалиштата „Neptun Deep“ во Романија и „Sakarya“ во Турција како идни столбови на регионалното снабдување со гас, а резервите во Израел, Египет и Кипар како дополнителен потенцијал, иако нивниот развој е загрозен од конфликти и инфраструктурни пречки.
За Македонија, извештајот предупредува на висока енергетска зависност, особено од руски гас, кој пристигнува единствено преку интерконекторот со Бугарија. Како клучен проект за диверзификација се истакнува новата врска со Грција, што ќе овозможи пристап до LNG преку терминалите во Ревитуса и Александрополис.
Земјата, пак, останува силно зависна од производство на електрична енергија од јаглен, што ја отежнува декарбонизацијата. Иако се инвестира во соларни и мали хидроцентрали, напредокот е бавен поради недостиг на капитал и капацитет на мрежата.
IENE препорачува Македонија да ги заврши новите гасни поврзувања, да го забрза развојот на обновливи извори и да ја зајакне прекуграничната соработка за енергетска трговија и инфраструктура.
На крајот, извештајот бара засилена регионална координација, поддршка од ЕУ, заеднички договори за набавка на LNG, брзи надградби на мрежата и силен поттик за обновливи извори — во спротивно, регионот ризикува да стане „енергетско тесно грло“ наместо мост за Европа.
Извор: IENE.eu