ИЕА воведе платформа за следење на мерките за заштита од енергетскиот шок

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) воведе нова онлајн алатка за следење на владините политики поврзани со последиците од енергетската криза предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток.

Станува збор за т.н. „policy tracker“, кој овозможува ажуриран преглед на мерките што ги преземаат државите за штедење енергија и заштита на потрошувачите од растечките цени. Алатката доаѓа во време кога глобалните енергетски пазари се соочуваат со сериозни нарушувања, особено во снабдувањето со сурова нафта, нафтени деривати и течен природен гас (ЛНГ).

Конфликтот, кој започна на 28 февруари, значително ги наруши енергетските текови низ Ормускиот теснец, што доведе до најголемото нарушување на снабдувањето во историјата на глобалниот нафтен пазар. Дополнително, глобалната понуда на ЛНГ е намалена за околу 20%.

РЕКЛАМА

Новата алатка на ИЕА ги категоризира мерките во две главни групи: политики за намалување на потрошувачката на енергија и мерки за поддршка на граѓаните. Таа ќе се ажурира редовно, овозможувајќи навремени информации за тоа како државите се справуваат со кризата.

Како дел од глобалниот одговор на кризата, бројни држави веќе воведоа итни мерки за штедење енергија и поддршка на потрошувачите. Меѓу најчестите политики се ограничување на користењето возила и воведување рационализација на гориво, намалување на службените патувања и поттикнување работа од дома, како и скратување на работната недела и затворање на училишта во одредени денови. Дел од земјите поставија температурни ограничувања за ладење во јавните објекти и спроведуваат кампањи за намалување на потрошувачката на електрична енергија. Паралелно, владите воведуваат економски мерки за заштита на граѓаните, како замрзнување или ограничување на цените на горивата, намалување на акцизите и даноците, како и директни субвенции за домаќинствата и транспортниот сектор. Во некои случаи се применуваат и иновативни решенија, како системи за дигитална распределба на гориво и финансиска помош за ранливите категории, со цел ублажување на ударот од растечките енергетски трошоци.

Покрај алатката, Агенцијата објави и препораки за мерки на страната на побарувачката, кои можат да ги применуваат владите, компаниите и домаќинствата со цел да се ублажи притисокот од високите цени на енергенсите.

Во рамки на својата мисија за обезбедување енергетска сигурност, земјите членки на ИЕА на 11 март едногласно одлучија да спроведат најголемо координирано ослободување на стратешки резерви на нафта досега, ставајќи на располагање 400 милиони барели на пазарот со цел стабилизирање на снабдувањето.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил