Париз. 15 октомври 2025 – Светскиот пазар на нафта во 2026 година ќе се соочи со значителен вишок од околу 4 милиони барели дневно, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во најновиот месечен извештај за октовмри. Агенцијата предвидува дека производството на нафта ќе расте многу побрзо од побарувачката, додека економските предизвици и електрификацијата на транспортот ќе го ограничат растот на потрошувачката.
ИЕА очекува глобалната понуда на нафта во 2025 година да се зголеми за 3 милиони барели дневно, а во 2026 година за дополнителни 2,4 милиони барели дневно. Истовремено, побарувачката се очекува да расте со многу побавно темпо, само околу 700.000 барели дневно годишно, што е значително под историскиот просек.
„Потрошувачката на нафта ќе остане ограничена до крајот на 2025 и во 2026 година, со скромен годишен раст поради забавената економија и растот на електричните возила,“ наведува ИЕА.
Вишокот од 4 милиони барели дневно би изнесувал околу 4% од глобалната побарувачка, што е најголем дисбаланс на пазарот во последната деценија.
Зголемувањето на понудата е резултат на одлуката на ОПЕК+ алијансата меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Русија и нивните сојузници, да ги укине дел од ограничувањата за производство побрзо од првично планираното. Според ИЕА, токму тоа дополнително ја зголемува понудата и врши притисок врз цените на суровата нафта.
Во септември годинава, глобалното производство било зголемено за 5,6 милиони барели дневно во споредба со истиот период минатата година, при што ОПЕК+ учествувал со 3,1 милион барели од растот. Истовремено, количината на нафта во поморски транспорт пораснала за 102 милиони барели, што ИЕА го нарече најголем пораст од пандемијата со КОВИД-19.
Меѓу главните придонесувачи за растот на производството се и САД, Бразил, Канада, Гвајана и Аргентина, кои заедно со земјите од ОПЕК+ ја движат глобалната понуда кон рекордни нивоа.
Од друга страна, ОПЕК останува пооптимистичен и предвидува дека светската побарувачка ќе порасне за 1,3 милиони барели дневно оваа година – речиси двојно повеќе од проценките на ИЕА – наведувајќи дека светската економија сè уште е во солидна состојба.
Нафтените цени реагираа на новите прогнози со благ пад – Брент суровата нафта во вторникот се тргуваше под 62 долари за барел, иако сè уште е над годинешното најниско ниво од 58 долари во април.
ИЕА предупредува дека доколку побарувачката не заживее, а производството продолжи да расте со сегашното темпо, вишокот на нафта во 2026 година би можел значително да влијае на глобалните цени и да создаде нови предизвици за производителите и инвеститорите.
Извор: IEA.org