Париз. 13 ноември 2025 – Во услови на зголемени геополитички тензии и растечка конкуренција меѓу енергетските технологии, најновиот извештај на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) – World Energy Outlook 2025, предупредува дека светот се соочува со најкомплексниот период за енергетска безбедност во последните децении.
ИЕА ги повикува владите да ја зајакнат диверзификацијата на енергетските извори, да вложат повеќе во инфраструктура и обновливи технологии, и да соработуваат меѓусебно за полесно справување со неизвесностите и ризиците кои доаѓаат со „новата енергетска реалност“.
Три сценарија, заеднички предизвици
Извештајот опфаќа три можни енергетски патеки, не како прогнози, туку како сценарија за различни политики и технолошки избори. Во сите сценарија, побарувачката за енергија продолжува да расте, поттикната од економскиот развој, урбанизацијата и експанзијата на дигиталните технологии и вештачката интелигенција.
Најбрз раст се очекува во Индија, Југоисточна Азија, Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка, кои постепено ја преземаат улогата на главни двигатели на глобалната побарувачка од Кина, земја што во последната деценија беше одговорна за половина од растот на побарувачката за нафта и гас во светот.
Минерали и нови ризици
ИЕА предупредува на нов вид енергетска ранливост, зависноста од стратегиски минерали неопходни за батерии, електромрежи, електрични возила, па дури и за чипови за вештачка интелигенција и одбранбени системи.
Според анализата, една земја контролира околу 70% од глобалното рафинирање на 19 од 20 клучни минерали, вклучувајќи никел и кобалт. Оваа висока концентрација го зголемува ризикот од пазарни и геополитички шокови, при што ИЕА предупредува дека диверзификацијата на синџирите на снабдување оди бавно и бара посилна државна интервенција.
„Никогаш досега енергетската безбедност не била изложена на толку широк спектар на ризици, од нафта и гас до минерали и технологии,“ изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, повикувајќи на истата решителност што ја покажале владите по нафтената криза во 1973 година.
Електричната енергија станува центар на глобалната економија
Извештајот констатира дека светот влегува во „Ерата на електричната енергија“. Побарувачката за струја расте многу побрзо од вкупната потрошувачка на енергија, особено поради дигитализацијата, електричните возила и порастот на дата-центрите и вештачката интелигенција.
Во моментов, електричната енергија сочинува само 20% од глобалната финална потрошувачка, но веќе обезбедува над 40% од енергијата што ја користи светската економија. Инвестициите во производство и електрификација на крајната потрошувачка веќе достигнуваат половина од вкупните глобални енергетски инвестиции.
Само во 2025 година, инвестициите во дата-центри се проценуваат на 580 милијарди долари, што е повеќе од глобалните инвестиции во снабдување со нафта (540 милијарди долари).
Недостаток на мрежи и инфраструктура
И покрај растот на инвестициите во производство, развојот на електричните мрежи и складирањето на енергија заостанува. Од 2015 година, инвестициите во производство на струја пораснале за речиси 70%, но трошоците за електромрежи — помалку од половина од тоа. Овој дисбаланс, според ИЕА, може да создаде нови тесни грла во снабдувањето со електрична енергија.
Обновливи извори и нуклеарно враќање
Обновливите извори, особено сончевата енергија, остануваат најбрзо растечка категорија во сите сценарија. До 2035 година, 80% од растот на глобалната потрошувачка на енергија ќе се одвива во региони со висока изложеност на сончева светлина, покажува анализата.
Истовремено, по повеќе од две децении стагнација, нуклеарната енергија повторно добива замав, со најавен раст на глобалниот капацитет за најмалку една третина до 2035 година, преку и традиционални реактори и нови, мали модуларни единици.
Пазарите на нафта и гас – стабилни, но ризични
ИЕА очекува доволна понуда на нафта и гас на краток рок, со цени на нафтата во опсег од 60–65 долари за барел. Новиот бран на проекти за течен природен гас (ЛНГ) ќе донесе 50% зголемување на глобалната понуда до 2030 година, главно предводен од САД (50%) и Катар (20%).
Но, агенцијата предупредува дека геополитичките тензии и порастот на побарувачката може брзо да ја нарушат оваа рамнотежа.
Климатските цели – надвор од дофат
И покрај напредокот во чистата енергија, светот не е на патот да го задржи затоплувањето под 1,5°C, дури ни во сценаријата со брзи намалувања на емисиите. Денес, 730 милиони луѓе сè уште немаат пристап до електрична енергија, а речиси 2 милијарди готват со штетни горива.
ИЕА предлага план со кој универзален пристап до струја би можел да се постигне до 2035 година, а чисто готвење до 2040 година, со помош на течен нафтен гас (LPG).
Во сите сценарија, меѓутоа, температурата ја надминува границата од 1,5°C, иако сценариото за нето нула емисии до 2050 година би можело да ја врати под ова ниво во подолг рок.
Зголемена изложеност на ризици
Извештајот открива дека во 2023 година повеќе од 200 милиони домаќинства ширум светот биле погодени од прекини во снабдувањето со енергија, главно поради оштетувања на електромрежите. Околу 85% од инцидентите се однесувале на преносни и дистрибутивни линии, што, според ИЕА, ја потврдува итната потреба од поголема отпорност на инфраструктурата кон климатски, технолошки и сајбер закани.
Извор: IEA.org
