Париз. 31 јули 2025 – Според најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA), светската побарувачка за електрична енергија ќе продолжи да расте со забрзано темпо до 2026 година, и покрај економската неизвесност што ја следи глобалната економија. Проекциите на IEA укажуваат на зголемување на побарувачката за електрична енергија од 3.3% во 2025 година и 3.7% во 2026 – двојно повеќе од растот на вкупната енергетска побарувачка во истиот период.
Овој тренд е предизвикан од сè поголемата електрификација на индустријата, зголемената употреба на апарати, климатизација, растечкото присуство на дата-центри, ширењето на електричните возила и другите технолошки потреби. Иако растот во 2025 и 2026 ќе биде нешто послаб од рекордните 4.4% во 2024 година, тој сепак останува значително над просекот од 2.6% во периодот 2015–2023.
IEA предвидува дека обновливите извори на енергија ќе го престигнат јагленот како водечки глобален извор на електрична енергија најдоцна до 2026 година. Во исто време, се очекува и историски висок удел на нуклеарната енергија, благодарение на повторно активираните реактори во Јапонија, стабилното производство во САД и Франција, како и новите нуклеарни капацитети, главно во Азија. Производството на електрична енергија од природен гас исто така продолжува да расте, заменувајќи јаглен и нафта во многу региони.
Како резултат на овие промени, се очекува емисиите на јаглерод диоксид од производство на електрична енергија да се стабилизираат во 2025 година и да забележат мал пад во 2026 година. Сепак, временските услови и економските фактори би можеле да влијаат врз оваа проекција.
Најголемиот дел од зголемувањето на потрошувачката ќе доаѓа од азиските економии во развој. Кина и Индија ќе бидат двигатели на околу 60% од глобалниот раст на потрошувачката во 2025 и 2026 година. Во Кина, растот ќе се забрза од 5% во 2025 на 5.7% во 2026, додека во Индија од 4% на 6.6%. Во САД, растот ќе остане над 2% годишно, особено поради експанзијата на дата-центрите. Спротивно на тоа, Европската унија ќе бележи побавен раст – само 1% оваа година, со умерено забрзување во 2026 година.
Во првата половина од 2025 година, цените на електричната енергија на големо во ЕУ и САД пораснаа за 30-40% во однос на истиот период минатата година, главно поради повисоките цени на природниот гас. Иако просечните цени се сè уште под нивото од 2023 година, тие се повисоки од оние од 2019. Се бележи и сè поголема фреквенција на негативни цени на пазарот, што укажува на потребата од поголема флексибилност на понудата и побарувачката, како и подобри регулативи и дизајн на пазарите.
Разликите во цените на електричната енергија низ региони сè уште се значителни. Во ЕУ, просечните цени за енергетски интензивните индустрии се двојно повисоки од оние во САД, и значително повисоки од кинеските. Овие разлики и натаму претставуваат сериозен предизвик за конкурентноста на европската тешка индустрија.
Извор: ИЕА