Париз. 9 декември 2025 – Глобалната енергетска индустрија продолжува да создава работни места со темпо двојно побрзо од просекот на светската економија, но растечкиот недостиг од квалификувана работна сила станува сериозна пречка за идните инвестиции, покажува најновиот извештај на Меѓународната енергетска агенција (IEA).
Според извештајот World Energy Employment 2025, бројот на работници во енергетскиот сектор во 2024 година достигнал 76 милиони, над 5 милиони повеќе во споредба со 2019 година. Секторот учествува со 2,4% во сите нови работни места создадени глобално во последните пет години. Најсилен раст бележи електроенергетиката, која сега е најголем работодавач во енергетиката, потиснувајќи го снабдувањето со горива. Соларната енергија останува водечки двигател на новата вработеност, а забрзано растат и ангажманите во нуклеарната енергија, електричните мрежи и складирањето.
Паралелно, електрификацијата во транспортот и индустријата создаде дополнителни 800.000 работни места во производството на електрични возила и батерии во 2024 година.
Фосилниот сектор, и покрај глобалните промени, останува стабилен. Вработеноста во јагленот се зголеми во Индија, Кина и Индонезија и е за 8% над нивото од 2019 година. Нафтениот и гасниот сектор ги надмина најголем дел од загубите од 2020 година, но ниските цени и економските неизвесности донесоа нови отпуштања во 2025 година. Според првичните податоци, растот на вработувањето во енергетиката годинава ќе забави на 1,3%.
И покрај силниот раст, ИЕА предупредува дека недостигот од стручни кадри станува критичен. Повеќе од половина од 700 компании и институции вклучени во истражувањето пријавуваат сериозни проблеми со регрутирањето, што би можело да доведе до доцнење на проекти, поголеми трошоци и забавена изградба на нова енергетска инфраструктура.
„Енергетскиот сектор е еден од најсилните двигатели на глобалната вработеност во период на големи неизвесности“, изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол. „Но овој моментум не е загарантиран. Светот нема да може да ја изгради потребната инфраструктура без доволно квалификувани работници.“
Најбарани се техничките струки, електричари, монтери, оператори во постројки и нуклеарни инженери, кои од 2019 година имаат отворено 2,5 милиони нови позиции и денес сочинуваат над половина од глобалната енергетска работна сила.
Демографските трендови го продлабочуваат проблемот: во развиените економии на секои 2,4 работници кои се блиску до пензија доаѓа само еден млад нововлезен работник. Нуклеарниот сектор и електромрежите се соочуваат со најизразени дефицити.
IEA проценува дека за да се спречи дополнително проширување на јазот до 2030 година, бројот на нови квалификувани кадри треба да се зголеми за 40%, што би барало околу 2,6 милијарди долари годишни инвестиции – помалку од 0,1% од глобалните трошоци за образование.
Извештајот повикува на комбинација од мерки: финансиска поддршка за обучувачи, повеќе практична обука и училишта, поголема вклученост на приватниот сектор во креирањето програми и стратегии за преквалификација на работниците од фосилниот сектор кон растечките сегменти на енергетиката.
Извор: IEA.org
