ИАТА: Ќе бидат потребни неколку месеци за стабилизирање на залихите на керозин

За обновување на нормалните залихи на керозин во авио-индустријата и стабилизирање на цените на енергенсите ќе бидат потребни неколку месеци, дури и ако Ормускиот теснец остане трајно отворен, предупреди генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, Вили Волш.

Говорејќи на конференција во Сингапур, Волш истакна дека закрепнувањето на снабдувањето ќе биде забавено поради нарушувањата во рафинериските капацитети на Блискиот Исток, кој претставува клучна алка во глобалниот синџир за снабдување со рафинирани производи.

„Ќе бидат потребни уште неколку месеци за да се вратиме на потребното ниво на снабдување“, изјави Волш.

РЕКЛАМА

Неговата изјава следува по објавата за двонеделно примирје меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, што отвори можност за повторно функционирање на Ормускиот теснец, кој е практично блокиран од почетокот на конфликтот.

Иако најавата за примирјето доведе до значителен пад на цената на суровата нафта, за повеќе од 15%– Волш нагласи дека стабилизацијата нема да биде брза.

„Не очекувам тоа да се случи за неколку недели“, додаде тој.

Според него, авио-индустријата може да остане профитабилна дури и при повисоки цени на нафтата, но најголем предизвик претставуваат краткорочните шокови и наглите поскапувања.

„Проблемот е краткорочната реакција на овие брзи ценовни скокови“, заклучи Волш.

Извор: RFI.fr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил