На регионалниот форум „Конкурентност и енергетска ефикасност на хрватското стопанство“, одржан минатата недела во градот Сисак, беше истакнато дека цената на електричната енергија за компаниите во Хрватска во последните шест години пораснала за околу 120%. Земјата минатата година се најде меѓу најскапите во ЕУ кога станува збор за електрична енергија што ја плаќаат малите и средни претпријатија.
Форумот го организираше Хрватската стопанска комора (ХГК) со неколку жупаниски комори. Присутните предупредија дека иако домаќинствата плаќаат релативно ниски цени, стопанството се соочува со значително поголеми трошоци, што ја нарушува конкурентноста и ги ограничува индустриските инвестиции.
Директорката на Секторот за индустрија и одржлив развој при ХГК, Марија Шќулац, оцени дека високите цени на енергијата го ослабуваат индустрискиот сектор. Таа нагласи дека е неопходна појасна енергетска политика, подобри услови за стопанството и побрза администрација. Како позитивен пример ги посочи проектите за декарбонизација на ИНА и Петрoкемиja, вредни 75 милиони евра, кои треба да ги намалат производствените трошоци во Сисачко-мославачката жупанија.
Во жупанијата веќе се спроведуваат мерки за енергетска ефикасност, меѓу кои и целосна обнова на околу 50 јавни објекти, модернизација на системите за греење и воведување решенија за пониска потрошувачка. Нов проект вреден 5,7 милиони евра предвидува обнова на шест училишни објекти и три згради на Невропсихијатриската болница „Д-р Иван Барбот“.
Според податоците презентирани на форумот, високите енергетски трошоци најсилно ги погодуваат металната, хемиската и цементната индустрија. Анализа на Eurochambres покажува дека секои 10% пораст на цената на електричната енергија можат да предизвикаат пад на вработеноста од 1 до 1,5% во енергетски интензивните сектори.
Компаниите како „Хајнекен Хрватска“ истакнуваат дека стабилноста на снабдувањето и енергетската ефикасност се клучни за конкурентност. Тие инвестираат во модернизација, намалување на потрошувачката и зголемување на отпорноста на синџирот на снабдување.
Учесниците на форумот порачаа дека индустријата има потреба од стабилни и предвидливи енергетски политики, ефективни поттикнувачки мерки за обновливи извори и складирање енергија, како и побрзи административни постапки. Вложувањата во мрежата, дигитализацијата и флексибилните енергетски решенија се издвоени како предуслов за зајакнување на конкурентноста и намалување на трошоците.
Извор: SeeBiz.eu
