Хрватска: Стручњаците предупредуваат на сериозни слабости во електропреносниот систем

Загреб. 7 јуни 2025 – Хрватска повторно се соочува со сериозна опасност од колапс на електроенергетската мрежа, слично на минатогодишниот прекин што започна од Црна Гора и предизвика домино-ефект низ целиот регион. Според експертите, причината е децениско запоставување на критичната инфраструктура, која сè потешко се справува со растечката потрошувачка и наглиот развој на обновливи извори на енергија.

Како што известува Deutsche Welle, знаците за потенцијален крах на мрежата се сè почести, а клучните системи во Хрватска и соседството не се подготвени да одговорат на екстремните оптоварувања, особено во летниот период, кога туристичката сезона и употребата на клима-уреди го зголемуваат притисокот врз системот.

„Реално постои опасност повторно да се случи сценарио како лани, бидејќи тогашниот прекин беше предизвикан од преоптоварување во услови на максимално оптоварување“, изјави Здеслав Матиќ, поранешен заменик министер за енергетика и актуелен енергетски консултант.

Реклама

Клучниот проблем, според експертите, е тоа што речиси 40 години не се инвестирало сериозно во развојот на преносната мрежа во земјата, додека оптоварувањето растело. Истовремено, по притисок на одредени интересни групи во хрватското општество, значително биле намалени мрежарините, што ги оставило операторите без средства за модернизација.

Матиќ дополнително критикува дека државата не ги искористила ниту европските фондови, вредни околу милијарда евра, кои биле наменети токму за зајакнување на енергетската мрежа.

Иако обновливите извори на енергија се иднината, тие носат свои предизвици. Нестабилноста на ветерните и соларните електрани, со нагли промени во производството, го става постојниот систем на тест, особено кога нема доволна поддршка од мрежата.

„Проблемот не е што имаме обновливи извори, туку што државата не ја следи нивната експанзија со потребна инфраструктура“, вели Роберт Пашичко, доцент на Геотехничкиот факултет во Вараждин.

Тој посочува дека најголем дел од новоинсталираната енергија доаѓа од Далмација, која нема доволно силни врски со останатиот дел од мрежата, ниту пак со Италија, каде би можело да се пренасочува дел од товарот.

Дополнителен проблем, според Пашичко, е што пазарната логика почнува да доминира над стабилноста на системот. „Порано хидроелектраните складираа енергија ноќе за дневна употреба. Сега се складира евтина енергија преку ден и се продава скапо навечер – сè според пазарната цена. Но тоа не носи сигурност“, вели тој.

Потребни се поголеми инвестиции во батериски системи, реверзибилни хидроелектрани, како и поефикасно локално производство – како фотоволтаици на покриви и енергетски заедници кои ја споделуваат енергијата без да ја оптоваруваат главната мрежа.

„Системот станува сè покомплексен, и без нови стручњаци, нови алатки и нов начин на размислување – неговата стабилност ќе биде сè потешко да се одржи“, заклучува Пашичко, додавајќи дека „забивањето на главата во песок и оставањето на пазарот да го реши проблемот – не е опција.“

Извор: Дојче Веле

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement