Загреб. 25 октомври 2025 – Хрватската влада под раководство на премиерот Андреј Пленковиќ подготвува основање на нова државна енергетска компанија која ќе се занимава со истражување и експлоатација на нафта и гас, со што земјата влегува во директна конкуренција со унгарската групација MOL и со INA. Проектот, кој се развива во рамки на Агенцијата за јаглеводороди, предвидува купување на нафтeно поле во Казахстан и е дел од поширока стратегија за зголемување на енергетската независност на земјата.
Според информациите од Загреб, премиерот Пленковиќ и министерот за економија Анте Шушњар во соработка со директорот на Агенцијата за јаглеводороди Маријан Крпан донеле одлука Агенцијата да ја прошири својата надлежност и, покрај регулаторните функции, да добие право на основање трговски друштва кои ќе се занимаваат со конкретни нафтни и гасни проекти во земјата и во странство. Планот за влез во казахстанскиот нафтен бизнис е првиот чекор во реализацијата на оваа стратегија.
Според проценките на енергетските експерти, доколку истражувањата се покажат успешни, Хрватска би можела да остварува годишен приход од околу 45 милиони евра само од едно нафтно поле во Казахстан. Новата државна компанија, која ќе работи под капата на Агенцијата за јаглеводороди, ќе има можност суровата нафта да ја продава на меѓународниот пазар или да ја транспортира во земјата за домашна преработка.
Владината иницијатива се толкува како јасен сигнал дека Загреб веќе не ја гледа INA како клучен фактор во иднината на националната енергетика. Според упатените извори, ова е првпат по повеќе од две децении хрватската држава да најави создавање нова нафтна инфраструктура независна од унгарскиот партнер MOL, кој има доминантно влијание врз INA и контролира значаен дел од нејзиното производство и преработка.
Министерството за економија веќе подготвува измени на Законот за основање на Агенцијата за јаглеводороди со кои ќе ѝ се овозможи да управува со приходите од новооснованите компании и да спроведува енергетски проекти надвор од земјата. Во документот објавен на платформата e-Savjetovanja се наведува дека улогата на Агенцијата значително се проширила и дека таа веќе активно води проекти поврзани со обновливи извори на енергија, геотермална енергија и управување со јаглерод диоксид.
Иако конкретниот договор со казахстанската државна компанија KazMunayGas сè уште не е финализиран, потврдено е дека се водат разговори за заеднички инвестиции во истражување на нафта и гас. Во процесот учествува и државниот оператор JANAF, кој располага со стратегиски важната нафтоводна инфраструктура.
Од Агенцијата за јаглеводороди потврдуваат дека сите активности се насочени кон долгорочна стабилност на снабдувањето и диверзификација на изворите на енергија, што е еден од стратешките приоритети на Република Хрватска. Во своето соопштение Агенцијата нагласува дека ја поддржува економската и енергетската соработка со Казахстан и дека новите проекти ќе придонесат кон јакнење на националната енергетска безбедност.
Со оваа иницијатива Хрватска се приклучува на бројните европски земји кои, поради последиците од војната во Украина и нестабилноста на глобалните пазари, повторно ја зацврстуваат државната контрола врз стратешките енергетски ресурси. Доколку планот се реализира успешно, Загреб ќе добие нов столб на енергетска независност и можност да ја врати изгубената улога во нафтниот сектор, која некогаш ја имала преку INA.
Извор: Nacional.hr
