Загреб. 27 јануари 2026 – Хрватска планира изградба на гасна интерконекција со Србија, со што на Србија би ѝ се овозможил пристап до ЛНГ терминалот на островот Крк и дополнително би се зајакнала енергетската безбедност на регионот, изјави хрватскиот министер за економија Анте Шушњар.
Говорејќи на конференцијата „Енергетика 2026 – Хрватска пред одлуките на деценијата“, Шушњар изјави дека проектот предвидува изградба на околу 15 километри гасовод за почетен капацитет и дека Србија веќе покажала интерес за реализација на интерконекцијата.
Тој нагласи дека Хрватска веќе има важна регионална улога благодарение на ЛНГ терминалот на Крк, кој придонесе за намалување на зависноста на земјата и поширокиот регион од руските енергенси. Поврзувањето со Србија, како и гасната интерконекција кон Босна и Херцеговина, според него, се логично продолжение на политиката за јакнење на енергетската отпорност на Југоисточна Европа.
Министерот се осврна и на енергетската транзиција во Хрватска, оценувајќи дека дел од одлуките донесени во изминатите 15 години не биле соодветни. Тој посочи дека за поттикнување и откуп на електрична енергија од обновливи извори досега се потрошени повеќе од четири милијарди евра, додека додадената вредност во енергетскиот сектор во истиот период е намалена за 25 отсто.
Шушњар изјави дека биле направени пропусти во планирањето, со преголеми субвенции за ветерни и соларни електрани, без доволна анализа на мрежата и потребите на потрошувачите. Тој нагласи дека не е против обновливите извори на енергија, но дека идните инвестиции мора да бидат подобро насочени, додавајќи дека на мрежата моментално има околу 10.000 мегавати барања за приклучување.
Тој исто така истакна дека државната електроенергетска компанија ХЕП мора да остане силна и амбициозна за да може да обезбеди стабилност и сигурност на снабдувањето во услови на криза. Според него, иднината на енергетскиот систем лежи и во развојот на геотермалната енергија, додека периодот на силни финансиски поттикнувања за сончевата и ветерната енергија е завршен, а надоместоците што ги плаќаат граѓаните нема да се зголемуваат.
Амбасадорката на САД во Хрватска, Никол Мекгроу, ја поддржа стратегијата на Загреб да се позиционира како регионален енергетски центар, оценувајќи дека ЛНГ терминалот на Крк има клучна геополитичка и безбедносна улога и повика на поинтензивна соработка меѓу хрватските и американските енергетски компании.
Извор: Jutarnji.hr
