Холандски суд ги блокираше средствата на операторот на „Турски тек“

Амстердам. 8 декември 2025 – Амстердамскиот окружен суд донесе одлука за блокирање на средствата на компанијата South Stream Transport, оператор на гасоводот „Турски тек“ што е под контрола на руски „Гаспром“. Мерката е преземена по барање на украинската енергетска компанија DTEK Krymenergo, објави агенцијата Интерфакс.

Заплената е поврзана со арбитражната пресуда донесена во ноември 2023 година, кога Постoјаниот арбитражен суд во Хаг ѝ додели на DTEK 208 милиони долари надомест за имотот што компанијата го изгуби по анексијата на Крим. Русија ја оспори одлуката пред Апелациониот суд во Хаг, а постапката продолжува.

Во рамки на обезбедувањето на таа пресуда, судот во Амстердам во јули годинава веќе издаде налог за замрзнување на средствата на South Stream Transport во ABN Amro Bank. DTEK тврди дека компанијата дејствува како продолжена рака на руската држава и дека нејзините средства може да се користат за исполнување на арбитражната обврска.

РЕКЛАМА

Според унгарскиот портал, Portfolio, мерката има значење и за Унгарија, бидејќи South Stream Transport управува со подморскиот дел од „Турски тек“, кој игра клучна улога во унгарското снабдување со природен гас.

Иако заплената не го нарушува тековното функционирање на гасоводот, таа претставува правен механизам за обезбедување на идната наплата на украинската компензација. Експерти предупредуваат дека доколку финансиската слобода на операторот трајно се ограничи, тоа може да создаде тешкотии во одржувањето на инфраструктурата, плаќањето на услугите и транзитот или решавањето на договорни спорови, што би можело да ја зголеми неизвесноста во идното снабдување.

Извор: CEEnergynews.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба