Холандија во 2025 година инсталирала 2,08 гигавати (GW) нови соларни капацитети, покажуваат привремените проценки на истражувачката агенција Dutch New Energy (DNE) Research. Со тоа, вкупниот инсталиран соларен капацитет во земјата достигнал 29,7 GW.
Според DNE Research, од вкупно додадените капацитети, 0,54 GW отпаѓаат на резиденцијалниот сектор, додека 1,54 GW се инсталирани во комерцијалниот, индустрискиот и големите соларни проекти. Резултатот укажува на забавување на пазарот во однос на 2024 година, кога беа инсталирани 4,3 GW.
„Како и во 2024 година, резиденцијалниот сектор и во 2025 се соочуваше со значителни предизвици, додека комерцијалниот сектор имаше подобри перформанси“, изјави Хрвоје Медарац, тим-лидер во DNE Research.
Како клучни фактори за пазарните движења во 2025 година, Медарац ги посочи негативните цени на електричната енергија, предизвикани од зголемениот удел на соларната енергија и недоволните капацитети за складирање, како и промените во енергетската политика. Во октомври, холандската влада најави дека до 2027 година ќе го замени системот на субвенции за големи обновливи извори со двонасочни договори за разлика, во согласност со политиките на ЕУ.
Според DNE Research, укинувањето на нет-метерингот поттикнува сè повеќе домаќинства да инвестираат во батериски системи за складирање, тренд за кој се очекува да се засили во наредните години.
Во меѓувреме, извештај на тинк-тенкот Ember покажува дека соларната енергија учествува со над 20% во годишното производство на електрична енергија во Холандија, што ја става земјата на петтото место во Европската Унија. Дополнително, Холандија има највисок однос на инсталирани соларни вати по жител во Европа, според податоците на SolarPower Europe.
Извор: PV-magazine.com
