Хамбург домаќин на клучен договор за иднината на офшор енергијата во Европа

Во германскиот град Хамбург на 26 јануари се одржа Самитот на Северното Море, на кој лидерите и министрите за енергетика од регионот се обврзаа на засилена соработка за забрзан развој на чиста, безбедна и достапна офшор енергија и водород, со цел зајакнување на енергетската безбедност и конкурентноста на европската индустрија.

На средбата беше договорено поблиско прекугранично поврзување на електроенергетските мрежи, намалување на ризиците за инвестиции и јакнење на отпорноста на енергетските системи од физички, сајбер и хибридни закани, со што регионот ќе ја намали зависноста од увоз на фосилни горива.

Учесниците потпишаа три клучни документи: Декларација на лидерите за изградба на енергетски хаб во Северното Море, Заеднички пакт за инвестиции во офшор ветерна енергија со учество на индустријата и операторите на преносни системи, како и Министерска декларација за подобра координација и финансирање на прекугранични проекти за ветерна енергија и водород.

РЕКЛАМА

Еврокомесарот за енергетика и домување Дан Јоргенсен изјави дека во услови на нестабилна геополитичка средина Европа мора да избере енергетска независност преку чиста, безбедна и домашна енергија, нагласувајќи го големиот потенцијал на Северното Море за офшор ветерна енергија.

Земјите од регионот се договорија и за координација во планирањето, распределбата на трошоците и финансирањето на заеднички проекти, како и за вложувања во работни места, вештини и истражување и развој. Спроведувањето на договореното ќе се координира преку Иницијативата за енергетска соработка на Северното Море (NSEC), со Европската комисија како ко-претседавач.

Самитот на Северното Море првпат беше одржан во 2022 година за време на енергетската криза, а годинава на него учествуваа земјите-членки на ЕУ од регионот, како и Норвешка, Исланд, Обединетото Кралство и претставници на Европската комисија и НАТО.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба