Вашингтон. 7 ноември 2025 – Швајцарската трејдерска компанија Gunvor Group ја повлече својата понуда за купување на меѓународните активи на руската енергетска компанија Лукоил, откако Министерството за финансии на САД ја нарече „марионета на Кремљ“ и сигнализираше дека Вашингтон се спротивставува на зделката.
Одлуката претставува удар за Gunvor, бидејќи тоа ќе беше најголемото преземање во историјата на компанијата, и воедно, ја нагласува стратегијата на САД да ги изолира руските енергетски компании преку санкции, со цел да се ограничат приходите на Москва што се користат за војната во Украина.
Американското Министерство за финансии преку социјалната мрежа X објави дека „додека рускиот претседател Владимир Путин продолжува со бесмислените убиства, марионетата на Кремљ, Gunvor, никогаш нема да добие лиценца за работа и профит“.
Директорот за корпоративни комуникации на Gunvor, Сет Пие Трас, одговори дека изјавата на Министерството е „фундаментално неточна и погрешно информирана“, додавајќи дека компанијата ја повлекува понудата „сè додека ова недоразбирање не се расчисти“.
Минатиот месец, Вашингтон воведе санкции против Лукоил, втората по големина руска нафтена компанија, со рок до 21 ноември за странските фирми да ги прекинат сите деловни односи со неа. Под притисок од санкциите, Лукоил се обидуваше брзо да ги продаде своите меѓународни активи, меѓу кои и рафинериите во Европа, уделите во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и мрежа на бензински пумпи низ светот.
Аналитичарите предупредуваат дека краткиот рок може да предизвика продажба по значително пониска цена и потешкотии во пренос на средствата.
Во врска со најновиот развој на ситуацијата, од Кремљ соопштија дека интересите на Лукоил треба да бидат „целосно почитувани“. Портпаролот Дмитриј Песков оцени дека станува збор за комерцијално прашање и дека американските санкции се „нелегални“, но додаде дека е важно да се заштитат легитимните интереси на компанијата.
Извор: Ројтерс
