Gunvor и зделката со Лукоил во фокус на Financial Times

Швајцарската компанија за трговија со енергенси Gunvor предупреди дека Европа може да се соочи со недостиг на гориво и загуба на работни места доколку биде блокиран нејзиниот амбициозен договор за преземање на странските актива на руската компанија Лукоил, вреден 22 милијарди долари.

Договорот, кој опфаќа рафинерии во Бугарија и Романија, бензински станици во Европа и САД, како и нафтени и гасни полиња во Блискиот Исток, Централна Азија и Африка, би го позиционирал Gunvor меѓу водечките светски трговци со енергија, заедно со Витол и Трафигура.

Меѓутоа, додека американските, британските и швајцарските регулатори ја разгледуваат законитоста на зделката, извршниот директор на Гунвор, Торбјорн Торнквист, побара итно издавање дозволи за да се избегне прекин на снабдувањето со гориво кога на 21 ноември ќе стапат во сила новите санкции против Роснефт и Лукоил.

РЕКЛАМА

„Приоритет е да се продолжи генералната оперативна лиценца. Лукоил практично е парализиран, никој не може да соработува со нив, а илјадници работни места се во прашање“, изјави Торнквист за Financial Times.

Рафинеријата на Лукоил во Бургас обезбедува над две третини од горивото во Бугарија, а Петротел во Романија околу една третина од националниот капацитет за преработка.

Зделката предизвика изненадување во енергетскиот сектор, како и сомнежи околу финансиската одржливост и транспарентноста на планот. Некои аналитичари прашуваат како Gunvor, со сопствен капитал од 6,6 милијарди долари, ќе обезбеди средства за ваква трансакција. Според извори блиски до компанијата, можно е договорот да биде структуриран без авансно плаќање, при што средствата би се исплаќале постепено преку заработка од преземените актива.

Сепак, зделката ја оживеа и старата полемика околу наводните врски на Gunvor со Кремљ. Компанијата беше основана кон крајот на 1990-тите од Торнквист и Генадиј Тимченко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин. По санкциите на САД во 2014 година, Тимченко го продаде својот удел во Gunvor, а компанијата тврдеше дека целосно се дистанцирала од Русија.

Денес, Gunvor има силно присуство во САД, каде што остварува околу 30% од продажбите и користи речиси 3 милијарди долари кредитна поддршка од меѓународни банки, предводени од Ситибанк.

Торнквист категорично негира дека Лукоил може повторно да ги преземе овие активи. „Во документите е јасно наведено дека нема можност за враќање на зделката, дури и ако санкциите бидат укинати,“ изјави тој.

Иако критичарите стравуваат од нови политички ризици, Торнквист ја брани зделката како чекор кон „отцепување на глобалните активи од руски во западни раце“, додавајќи дека тоа е позитивен потег за стабилноста на енергетските пазари.

Извор: The Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба