Бран поевтинувања на дизел-горивото започнаа компаниите на домашниот пазар, кои во услови на стабилизациски мерки и пазарни притисоци најавија намалување на цените до 3 денари по литар.
Супертрејд, која управува со бензинските станици под брендот Gulf, најави дека од полноќ дизелот ќе се продава по цена пониска за 3 денари по литар во однос на цените утврдени од Регулаторна комисија за енергетика, со што бенефитот директно се пренесува на потрошувачите.
Намалување следува и кај Макпетрол, каде дизелот ќе се продава за 3 денари пониско од цената на РКЕ, односно за 92,5 денари по литар. Компанијата веќе ги намали и цените на бензините, кои се продаваат под референтните цени.
ОКТА, пак, го зголеми попустот за дизел од 2 на 3 денари по литар и ја продолжи мерката до 6 април. Попустот е наменет за трговците, кои имаат можност да го пренесат намалувањето кон крајните купувачи.
Паралелно, владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10% придонесе за пад на цените од 6 до 7 денари по литар и стабилизирање на пазарот. „Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, изјави министерката за енергетика Сања Божиновска, според која ваквите чекори треба да бидат следени и од останатите учесници на пазарот, со цел бенефитите целосно да се одразат врз граѓаните.
Енергетика 24
