Значителен интерес е забележан на годишните аукции на грчкиот оператор на гасниот транспортен систем – ДЕСФА за резервирање термини за истовар и регасификација на течен природен гас (ЛНГ) на терминалот Ревитуса за периодот 2026–2040 година, соопшти компанијата во текот на вчерашниот ден.
Аукциите, кои се одржаа во периодот меѓу октомври 2025 и јануари 2026 година, завршија со речиси целосна искористеност на понудениот капацитет. Од вкупно 413 понудени термини за истовар, што одговараат на 342,5 TWh ЛНГ, беа резервирани 409 термини или 340,5 TWh, со учество на до пет корисници годишно.
Според ДЕСФА, резултатите ја потврдуваат стратешката важност на ЛНГ во енергетското планирање на корисниците и улогата на долгорочното резервирање капацитет како клучен механизам за зајакнување на енергетската безбедност, предвидливоста и стабилноста на пазарот. Воедно, тие укажуваат на високото ниво на доверба во инфраструктурата на терминалот Ревитуса и на сè поизразената улога на Грција во обезбедувањето снабдување со гас за поширокиот регион на Југоисточна Европа.
Компанијата наведува дека новата инфраструктура, вклучувајќи ги компресорските станици во Комотини и Ампелија, заедно со инвестициите во проширување и модернизација на Националниот систем за пренос на природен гас, овозможуваат зголемен проток на гас кон север, позиционирајќи ја земјата како стабилна и сигурна регионална влезна точка за ЛНГ.
За годините 2027, 2028 и 2029, понудените капацитети веќе биле целосно резервирани во претходни аукции, додека преостанатите термини за 2026 и 2030 година беа целосно покриени во рамките на најновиот аукциски циклус.
Резултати од аукциите:
| Year | Slots Offered | SlotsBooked | Quantity Offered (TWh) | Quantity Booked(ΤWh) | Users | Available Slots | Available Quantity (TWh) |
| 2026 | 1 | 1 | 1 | 1 | 1 | 0 | 0 |
| 2027 | – | – | – | – | – | – | – |
| 2028 | – | – | – | – | – | – | – |
| 2029 | – | – | – | – | – | – | – |
| 2030 | 3 | 3 | 2,5 | 2,5 | 3 | 0 | 0 |
| 2031 | 24 | 24 | 17 | 17 | 5 | 0 | 0 |
| 2032 | 41 | 41 | 34 | 34 | 5 | 0 | 0 |
| 2033 | 43 | 43 | 36 | 36 | 5 | 0 | 0 |
| 2034 | 43 | 43 | 36 | 36 | 5 | 0 | 0 |
| 2035 | 43 | 43 | 36 | 36 | 5 | 0 | 0 |
| 2036 | 43 | 42 | 36 | 35,5 | 5 | 1 | 0,5 |
| 2037 | 43 | 43 | 36 | 36 | 5 | 0 | 0 |
| 2038 | 43 | 43 | 36 | 36 | 4 | 0 | 0 |
| 2039 | 43 | 43 | 36 | 36 | 4 | 0 | 0 |
| 2040 | 43 | 40 | 36 | 34,5 | 4 | 3 | 1,5 |
| Total | 413 | 409 | 342,5 | 340,5 | – | 4 | 2 |
Извор: Desfa.gr
