Грција подготвува удар врз кражбата на струја – нови построги закони до есен

Атина. 28 јули 2025 – Министерството за животна средина и енергетика на Грција финализира нов законски предлог со значително построги мерки за спречување на кражба на електрична енергија, кој се очекува да биде доставен до Парламентот најдоцна до октомври годинава.

На неодамнешен состанок со операторот на дистрибутивната мрежа DEDDIE/HEDNO, било утврдено дека актуелниот правен систем не дава доволно резултати, бидејќи прекршителите и понатаму успеваат да избегнат одговорност поради правни празнини.

Иако бројот на инспекции значително е зголемен, во првите шест месеци од 2025 година биле откриени 9.727 случаи на незаконско користење струја, што претставува раст од 32% во однос на истиот период во 2024 година – наплатата останува проблематична. Од проценетите 39 милиони евра загуби, досега се вратени само околу половина. Сепак, наплатата бележи напредок од 90% во однос на минатата година.

РЕКЛАМА

Новите законски измени ќе предвидат построги казни, побрзи постапки за наплата и укинување на механизмите кои сега им овозможуваат на сторителите лесно да се извлечат преку жалби. Адвокатски канцеларии веќе јавно нудат услуги за укинување на казни, што дополнително го поткопува системот.

Хотелите, рестораните и супермаркетите се меѓу најчестите сторители, a во некои случаи, дури половина од приклучоците во комерцијални објекти покажале траги на манипулација.

Министерот Ставрос Папаставру, во изјава за телевизијата SKAI, истакна дека кражбата на електрична енергија не е само економски проблем, туку и прашање на праведност. „Ако системот не добие посилен законски темел, ниту најригорозните инспекции нема да дадат долгорочни резултати“, предупреди министерот.

Извор: EnergyPress

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads