Атина. 17 ноември 2025 – Грција и Украина во неделата го парафираа договорот што ќе овозможи транспорт на американски ЛНГ до украинскиот енергетски систем преку т.н. Вертикален коридор, потег што двете земји го оценија како клучен за европската и регионалната енергетска безбедност во пресрет на уште една тешка зима за Украина.
Церемонијата на потпишување, одржана во Атина, се одвиваше во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, украинскиот претседател Володимир Зеленски, министерот за енергетика Ставрос Папаставру и американската амбасадорка Кимберли Гилфојл. Со документот се формализира декларацијата за намера меѓу грчката ДЕПА и украинскиот Нафтогас, со која САД ќе испорачуваат ЛНГ преку Грција од декември 2025 до март 2026.
Грчки владини претставници истакнаа дека договорот ќе обезбеди стабилни гасни текови кон Европа и „критична поддршка“ за Украина. Првите испораки се очекуваат во јануари.
На заедничката прес-конференција, премиерот Мицотакис повтори дека Атина останува „цврст сојузник“ на Киев. „Стоиме со украинскиот народ. Грција уште од првиот момент беше на страната на бранителот од напад што ги прекршува сите принципи на суверенитет и меѓународно право“, порача тој, нагласувајќи дека „неповредливоста на границите е ненеговицирачка“. Мицотакис го опиша Вертикалниот коридор како „нова безбедна енергетска артерија од југ кон север“ и вети поддршка за обновата на Украина по војната.
Претседателот Зеленски, пак, изрази благодарност за, како што рече, „континуираната, суштинска и повеќеслојна поддршка“ од Грција, потсетувајќи дека украинската критична инфраструктура е под дневни напади. Тој им се заблагодари на Грција и на САД за нивната улога во енергетските договори и упати повик за натамошен притисок врз Москва. „Русија заслужува дополнителни санкции, а ние сме многу благодарни што Грција ги поддржува нашите иницијативи за враќање на киднапираните деца и заробените војници“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател пристигна во Атина утрото за серија средби посветени на енергетската соработка и зајакнувањето на грчката поддршка. На почетокот беше примeн од претседателот Константинос Тасулас, кој ја потврди подготвеноста на Грција да помага на политички, економски, енергетски и хуманитарен план. Следуваше средба со Мицотакис во Владината палата „Максимос“, по што беше ставен потписот на договорот.
Извор: Ekathimerini.com
