Грција и Србија ја продлабочуваат енергетската соработка

Министрите за енергија на Грција и Србија, Ставрос Папаставру и Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, на средба во Белград разговараа за зајакнување на енергетската соработка, со акцент на снабдувањето со гас, регионалното поврзување и растот на цените на горивата.

Двајцата министри анализираа и пошироки геополитички влијанија врз енергетскиот сектор, вклучително и последиците од војната во Украина и кризата на Блискиот Исток, нагласувајќи ја потребата од диверзификација на изворите и поголема енергетска сигурност.

Ѓедовиќ Хандановиќ истакна дека Србија нема да дозволи товарот од растот на цените на нафтата да падне врз граѓаните и стопанството, додавајќи дека се очекува умерен и контролиран раст на цените на горивата. Таа посочи дека диверзификацијата на снабдувањето е клучна мерка, особено во услови на криза, потсетувајќи на искуствата од енергетската криза во 2022 година.

РЕКЛАМА

Во делот на инфраструктурата, српската министерка најави дека се работи на нова гасна интерконекција меѓу Србија и Македонија, на делницата Орљане – Лесковац – Врање, во должина од 144 километри и вредност од околу 150 милиони евра. Проектот, како што рече, треба да биде завршен до крајот на 2027 година и ќе овозможи дополнителни количини гас преку поврзувањето со Грција.

Таа потсети и на веќе воспоставената интерконекција со Бугарија, како и на значењето на гасоводот IGB (Interconnector Greece–Bulgaria), кој ја поврзува Бугарија со Грција. Дополнително, Србија планира зајакнување на внатрешната гасна мрежа, со изградба на нови правци од југ кон север, со цел зголемување на капацитетите и позиционирање како транзитна земја.

Министерката информираше дека „Србијагас“ веќе резервирал капацитет од 300 милиони кубни метри во терминалот во Александрополис во Грција за период од 10 години, што дополнително ќе придонесе за стабилноста на снабдувањето.

Во разговорите било отворено и прашањето за обновливите извори на енергија. Според Ѓедовиќ Хандановиќ, Грција достигнала околу 55% учество на обновливи извори, додека Србија има цел од 45% до 2030 година.

Папаставру нагласи дека двете земји избираат да бидат дел од решението во време на енергетска неизвесност, преку продлабочена соработка и изградба на нова регионална енергетска архитектура. Тој ја истакна улогата на Грција како енергетски влез за Југоисточна и Централна Европа, особено преку развојот на вертикалниот гасен коридор.

„Вертикалниот коридор е артерија на развојот и стабилноста во регионот, а Србија има клучна улога во него“, изјави Папаставру, додавајќи дека планираните интерконекции, вклучително и оние со Македонија, ќе придонесат за поголема енергетска поврзаност и безбедност во регионот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил