Грција бележи раст на побарувачката и извозот на природен гас во првата половина од 2025 година

Атина. 11 јули 2025 – Според најновиот извештај на грчкиот оператор на гасниот преносен систем DESFA, во првата половина од 2025 година домашната побарувачка за природен гас во Грција пораснала за 12,38%, достигнувајќи 34,59 терават-часа (TWh), во споредба со 30,78 TWh во истиот период лани. Вкупната побарувачка, вклучувајќи го и извозот, достигна 37,45 TWh, што претставува раст од речиси 20% на годишно ниво.

Најзначајно зголемување е забележано кај извозот преку граничните точки Сидирокастро и Неа Месимврија, кој скокнал од 0,44 TWh во 2024 на 2,86 TWh во 2025 година – пораст од над 550%. Сидирокастро е двонасочен интерконективен пункт со Бугарија, каде тече гас од Азербејџан и течен природен гас (LNG) од Грција, додека преку Неа Месимврија тече гас преку Трансјадранскиот гасовод (TAP).

Во внатрешната потрошувачка, електроенергетскиот сектор останува најголем корисник, со учество од 67% или 23,25 TWh, што е пораст од 18%. Потрошувачката преку дистрибутивните мрежи се зголемила за 18,67% (7,69 TWh), додека индустриските корисници и CNG-станиците бележат пад од 20,82%, со вкупно 3,65 TWh.

РЕКЛАМА

Ревитуса станува стратешки енергетски центар

Најголем дел од гасот во Грција и натаму влегува преку Сидирокастро и терминалот за течен природен гас Ревитуса (Агиа Триада). Во Сидирокастро се увезени 16,40 TWh – пораст од 4,46%, додека преку Ревитуса биле испорачани 14,62 TWh, што претставува скок од 58,91%, и покрај тоа што терминалот беше во ремонт три недели во април и мај.

Во овој период, на Ревитуса биле истоварени 27 LNG танкери, во споредба со 12 во првите шест месеци од 2024 година. Вкупната количина на LNG изнесува 14,66 TWh, што е раст од 63,62%. САД остануваат водечки снабдувач со 11,87 TWh, следени од Нигерија (1,37 TWh), Норвешка (0,93 TWh) и Алжир (0,49 TWh).

Услугата за натоварување LNG камиони на Ревитуса бележи значителен напредок. Во првата половина од 2025 се натоварени 273 камиони, во споредба со 104 лани, пренесувајќи 81,72 GWh енергија – пораст од 166%. Овој модел станува сè поважен за снабдување на оддалечени индустриски корисници и мали дистрибутивни мрежи низ регионот.

На граничниот пункт Неа Месимврија се увезени 5,47 TWh, што е пад од 9,29%. Во терминалот Амфитрити (FSRU Александруполис), до 22 јануари се регистрирани 1,03 TWh LNG, по што регасификацијата привремено е суспендирана.

Податоците од DESFA укажуваат на засилен раст на гасниот пазар во Грција, како за домашни потреби, така и за извоз. Стабилниот пораст на LNG увозот, посебно од САД, и развојот на флексибилни дистрибутивни услуги, ја позиционираат Грција како сѐ поважна енергетска раскрсница за поширокиот регион на Југоисточна Европа.

Извор: ДЕСФА

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
WordPress Ads