Светот се соочува со забрзано зголемување на побарувачката за енергија, што отвора милиони нови работни места, но истовремено создава сериозен недостиг на квалификувана работна сила, покажуваат најновите податоци на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Во 2024 година глобалната побарувачка за енергија пораснала за 2,2% значително над просекот од 1,3% во претходната деценија. Најголем двигател е електроенергетскиот сектор, кој бележи раст од над 4%, поттикнат од ширењето на дата-центрите, зголемената употреба на климатизација и развојот на вештачката интелигенција.
Енергетскиот сектор три години по ред бележи раст на вработеноста од 2,2% годишно, што е побрзо од растот на работните места во другите индустрии. Од 2019 година досега се создадени над 5,4 милиони нови работни места. Сепак, и покрај овој раст, компаниите сè потешко наоѓаат квалификувани работници. Недостигот е особено изразен во инженерството, електротехниката и техничките занаети.
Експертите предупредуваат дека проблемот ќе се продлабочува. Проекциите покажуваат дека во следните 10 години ќе бидат потребни околу 80.000 нови електричари годишно, стотици илјади работници во нуклеарниот сектор и значителен број заварувачи.
Енергетската транзиција ја зголемува сложеноста
Преминот од фосилни горива кон обновливи извори дополнително ја усложнува состојбата. За разлика од традиционалните електрани, соларните и ветерните капацитети бараат повеќе постројки, повеќе инфраструктура и поголем број дисперзирани работници за инсталација и одржување.
Поради тоа, електроенергетскиот сектор во 2024 година првпат станал најголем работодавач во енергетиката, создавајќи три четвртини од новите работни места во последните пет години. Во исто време, и покрај зелената транзиција, вработеноста во секторите на јаглен и гас расте во земјите во развој, како Кина, Индија и Индонезија.
Стареење на работната сила и слаб интерес кај младите
Еден од главните проблеми е стареењето на работната сила. Голем дел од искусните работници се блиску до пензија, додека младите сè помалку се одлучуваат за кариера во енергетиката.
Истражувањата покажуваат дека уделот на вработени под 35 години опаѓа во сите сегменти на индустријата. Во традиционалните енергетски сектори, лицата над 45 години сочинуваат речиси половина од работната сила. Дополнителен проблем е недоволната информираност за можностите што ги нуди секторот, како и недостигот од практична обука во образовниот систем.
Освен регрутацијата, компаниите имаат проблем и со задржување на работниците. Голем дел од вработените немаат јасен кариерен план, а младите генерации почесто ја менуваат работата доколку не гледаат напредок во рок од неколку години.
Покрај тоа, построгите имиграциски политики во развиените земји го ограничуваат пристапот до странска работна сила, што дополнително го продлабочува недостигот.
Технологијата како дел од решението
Компаниите сè повеќе се потпираат на технологија за да го ублажат недостигот. Вештачката интелигенција, роботиката и т.н. „дигитални двојници“ се користат за обука на работници и за подобрување на ефикасноста. Овие алатки овозможуваат помалку искусни работници да извршуваат сложени задачи, како и подобро одржување на енергетските капацитети со помал број луѓе.
Експертите оценуваат дека решението не лежи во краткорочни мерки, туку во долгорочни стратегии: подобро образование, повеќе практични обуки, поголемо вклучување на жени и привлекување на нови генерации во секторот.
Со оглед на тоа што побарувачката за енергија ќе продолжи да расте, прашањето за работната сила станува едно од клучните за иднината на глобалната енергетика.
Извор: Financial Times
