Скопје. 31 јули 2025 – Компанија од рангот на „Гугл“ или „Фејсбук“ е во финални преговори за набавка на електрична енергија произведена во Македонија, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на пратенички прашања во Собранието на Македонија.
Станува збор за еден од водечките светски брендови, кој, според Мицкоски, се наоѓа меѓу првите три во својата индустрија. Електричната енергија би се обезбедувала од ветерниот парк на компанијата „Алказар енерџи“, кој се гради на територија на земјава.
„Иако некој можеби не успеа да ги донесе „Гугл„ и „Фејсбу“, многу е веројатно дека еден голем светски бренд ќе купува струја од македонско производство. Преговорите се во завршна фаза, а кој е конкретниот инвеститор, ќе оставам тоа да го објави самата компанија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека конечните информации за името на компанијата би можеле да бидат соопштени до крајот на август.
Инаку, овие практики се веќе добро воспоставени во Европа, каде што технолошки гиганти како Google, Meta, Microsoft и Amazon склучуваат долгорочни договори за набавка на зелена енергија, познати како PPA (Power Purchase Agreements) – со производители на ветерна и соларна енергија.
Во моментов, вакви договори се најчести во земји како Шпанија, Шведска, Данска, Норвешка и Холандија, каде што стабилната енергетска инфраструктура и големиот потенцијал за обновлива енергија привлекуваат странски инвеститори. Google, на пример, веќе купува ветерна струја за своите дата-центри во Холандија и Шведска, додека Amazon склучи повеќе PPA договори со соларни паркови во Шпанија.
Македонија, со развојот на проекти како ветерниот парк на „Алказар енерџи“, има реална можност да стане дел од оваа мрежа на одржливо снабдување, особено доколку обезбеди транспарентни и предвидливи услови за вакви договори.
Премиерот најави и можност за проширување на проектот, со предлог на истиот простор од околу 300 хектари да се инсталираат и соларни панели и батериски капацитети, што би овозможило хибриден систем на производство на струја.
„Ако биде прифатена мојата сугестија, тогаш ќе имаме комбинирано производство од ветер и сонце – што значително ќе ја зголеми стабилноста и ефикасноста на испораката“, додаде тој.
Енергетика 24