Баар. 8 август 2025 – Глобалната трејдинг компанија Glencore забележа значителен пад на добивката од трговијата со енергенси во првата половина од 2025 година, како резултат на слабата глобална побарувачка и несигурноста околу трговските политики на САД.
Компанијата соопшти дека нејзиниот сектор за физичка трговија со енергенси и јаглен за челичарската индустрија остварил добивка од само 40 милиони долари пред оданочување, што претставува остар пад во однос на 326 милиони долари во истиот период лани. Во исто време, трговијата со метали и минерали забележала раст, со добивка од 1,57 милијарди долари.
Извршниот директор на Glencore, Гери Негл, изјави дека иако геополитичките тензии и американските царини обично отвораат можности за трговија, честите промени и политичката нестабилност го отежнале искористувањето на тие прилики.
„Царините можат да создадат можности – сè додека не се менуваат на секои два дена“, според Негл, кој смета дека секторот на компанијата за бакар и цинк успеал да се прилагоди и да профитира од промените.
По склучувањето неколку нови трговски договори во пресрет на рокот од 7 август, Негл изрази претпазлив оптимизам дека американската трговска политика почнува да се стабилизира. Тој додаде дека иако се очекуваат одредени измени, пристапот станува поконзистентен.
Слаба побарувачка, ограничени можности
Според објавените податоци, слабата глобална побарувачка се одразила и врз резултатите на Glencore од трговијата со нафта. Обемот на маркетинг со нафтени деривати останал речиси непроменет на 343 милиони барели нафтен еквивалент, додека продажбата на сурова нафта пораснала за 12%, достигнувајќи 401 милион барели.
Финансискиот директор на компанијата, Стивен Калмин, посочи дека физичките пазари во енергетскиот сектор биле добро снабдени, но со многу малку волатилност и речиси без арбитражни можности.
„Според Калмин, во светот денес има многу неизвесност – од јаглен, преку гас, до нафта и премалку услови за профитабилна трговија.
Инаку, четирите најголеми глобални трејдинг компании, меѓу кои Vitol, Trafigura, Mercuria и Gunvor, исто така имаат тешкотии да ги повторат рекордните добивки од времето на ковид-кризата и руско-украинскиот конфликт. Само во периодот 2022–2023, овие четири компании остварија вкупна добивка од околу 50 милијарди долари.
Што се однесува до Glencore, во првото полугодие од 2025 година, компанијата оствари прилагоден EBITDA од 5,4 милијарди долари, што е намалување од 14% во споредба со истиот период лани. На индустриско ниво, прилагодената EBITDA падна за 17%, на 3,8 милијарди долари, главно поради послабите цени на јагленот и пониското производство на бакар. Маркетинг сегментот забележа солиден резултат со 1,4 милијарди долари, но исто така, за 8% помалку од првата половина на 2024.
Во првата половина од 2025 година, Glencore инвестираше 3,2 милијарди долари во капитални расходи, исплати 1,8 милијарди долари на акционери и зголеми обртен капитал за 1,1 милијарда долари преку трговски договори за авансно финансирање на суровини. Вкупниот нето-долг на компанијата на крајот на јуни изнесува 14,5 милијарди долари, што е зголемување од 3,2 милијарди во однос на крајот на 2024.
Извор: SPglobal.com