Пазарот на електрични автомобили во Германија забележа значителен раст во 2025 година, но сè уште нема вистински бум, покажува анализа на консултантската куќа EY објавена во вторникот.
Регистрациите на електрични возила пораснале за 43% на годишно ниво, главно поради закрепнување по слабата 2024 година, кога укинувањето на федералните субвенции ја намали побарувачката. Сепак, во споредба со 2023 година, растот изнесува само 4%.
„Сè уште не сме сведоци на вистински бум бидејќи очекуваниот подем на електромобилноста во Германија се покажува како подолг и потежок процес од очекуваното“, изјави експертот за мобилност во EY, Константин Гал.
Електричните возила учествувале со 19,1% во вкупниот германски автомобилски пазар во 2025 година, наспроти 13,5% во 2024 и 18,4% во 2023 година.
Германската влада во ноември најави нови субвенции за електрични автомобили, за кои EY оценува дека ќе ја поттикнат побарувачката. Сепак, мерката е насочена кон приватни потрошувачи со пониски приходи и опфаќа само дел од пазарот, при што се очекува странските производители да имаат поголема корист поради понудата на поевтини модели.
Според проекциите на EY, вкупниот автомобилски пазар во Германија ќе порасне за 1% во 2026 година, по раст од 1,4% во 2025 година.
Анализата се базира на податоци од германската Агенција за патен сообраќај (KBA), според кои во 2025 година биле регистрирани 2,9 милиони нови автомобили, од кои 545.142 биле целосно електрични.
Извор: Ројтерс
