Германската влада подготвува нов закон со кој значително ќе се ограничат можностите на бензинските пумпи да ги менуваат цените на горивата, со цел да се заштитат потрошувачите од нагли ценовни флуктуации. Според нацрт-законот, кој го пренесуваат германските медиуми, снабдувачите со гориво ќе можат да ги зголемат цените само еднаш дневно и тоа точно напладне. Намалувањето на цените, пак, ќе остане дозволено во секое време.
Мерката се базира на таканаречениот „австриски модел“, а за прекршителите се предвидени казни до 100.000 евра.
Покрај ограничувањето на цените, законските измени предвидуваат и значајни промени во антимонополската регулатива. Во иднина нафтените компании ќе треба да докажуваат пред надлежните органи дека зголемувањето на цените е оправдано од пазарните услови. Со ова регулаторите ќе добијат поголеми овластувања за побрзо реагирање во случаи на можни злоупотреби и нарушување на конкуренцијата.
Владата планира законот да биде усвоен по забрзана постапка во Бундестагот и да важи како привремен механизам.
Сепак, дел од економските експерти предупредуваат дека мерката може да има и несакани последици. Главниот економист на ING, Карстен Бржески, оценува дека нафтените компании би можеле да го надоместат ограничувањето преку поголеми еднократни поскапувања. Слично предупредува и сообраќајниот експерт Томас Пулс од Институтот за германска економија во Келн, според кого бензинските пумпи би можеле да го започнуваат денот со повисоки почетни цени, кои би се намалувале само ако побарувачката е слаба.
Професорот Мануел Фрондел од истражувачкиот институт RWI во Есен истакнува дека засега нема доволно емпириски докази дека ваквата регулација долгорочно ги намалува цените на горивата. Напротив, постои ризик компаниите однапред да вградуваат поголеми маржи во единственото дозволено дневно поскапување.
Германската влада најави дека ефектите од мерката ќе бидат детално анализирани по завршувањето на летната туристичка сезона.
Извор: DPA
