Германија останува на патот кон 80% обновлива енергија до 2030 година

Берлин, 15 септември 2025 – Германија нема да се откаже од амбициозната цел: 80% од електричната енергија во земјата до 2030 година да доаѓа од обновливи извори. И покрај задоцнувањата во развојот на ветерните капацитети, владата оценува дека таргетот е „реалистичен и достижен“, покажува новиот извештај за енергетската транзиција, кој денеска го претстави федералната министерка за економија и енергетика Катарина Рајхе.

Извештајот, изготвен од Институтот за енергетска економија при Универзитетот во Келн (EWI) и консултантската фирма BET, предвидува дека бруто-потрошувачката на електрична енергија во 2030 година ќе изнесува меѓу 600 и 700 TWh – значително помалку од претходните проценки од 750 TWh.

„Сите релевантни студии покажуваат дека растот на потрошувачката е послаб од очекуваното. Затоа, и со поскромно проширување на офшор ветерната енергија, целта од 80% останува достижна,“ рече Рајхе.

РЕКЛАМА

Со вакви прогнози, Германија ќе мора да обезбеди меѓу 480 и 560 TWh електрична енергија од обновливи извори, наместо претходно планираните 600 TWh.

Иако Германија има законски поставена цел за 30 GW офшор ветерни капацитети до 2030 година, извештајот предупредува дека тоа ниво најверојатно ќе се постигне дури во 2032 година. Причина за тоа се задоцнувања во приклучувањето на мрежата, како и недоволниот интерес за нови тендери.

Последната аукција за офшор ветерна енергија во август заврши без ниту една поднесена понуда – сигнал за потреба од подобри услови за инвеститорите. „Проблемот не е само во цената, туку и во техничките ограничувања како сенчење меѓу турбините, што ја намалува атрактивноста на проектите,“ објасни министерката.

Во моментов во германските мориња се инсталирани 9,2 GW офшор капацитети. На копно, пак, се во функција 66,2 GW, а во тек се дозволи за дополнителни 40 GW. Но експертите предупредуваат дека целта од 115 GW до 2030 година е тешко достижна.

За разлика од ветерната, фотоволтаичната енергија е на добар пат. Според сценаријата од извештајот, Германија ќе ја постигне целта од 215 GW инсталирани капацитети до крајот на деценијата.

Сепак, во последните месеци е забележано забавување во поставувањето кровни соларни системи. Ако трендот продолжи, предупредуваат експертите, тоа може да влијае врз динамиката на растот. Рајхе најави укинување на субвенциите за кровни системи, но не даде конкретни одговори за идните тендери за копнени соларни паркови и ветерници.

И покрај предизвиците, експертите сметаат дека целта од 80% е сигурна. Проекциите покажуваат „робусен коридор“ од 62 до 97% удел на обновливите извори во бруто-потрошувачката на електрична енергија во 2030 година, зависно од временските услови и степенот на искористеност на капацитетите.

„Ова е позитивен сигнал – и покрај задоцнувањата во ветерната енергија, транзицијата останува на пат,“ стои во извештајот.

Критичарите, пак, повикуваат на ревизија на плановите за проширување на обновливите, особено затоа што проекциите на поранешниот министер Роберт Хабек беа значително повисоки – 750 TWh потрошувачка и истовремено 80% покриеност со обновливи извори.

Според нив, намалувањето на потрошувачката не смее да се користи како алиби за побавно темпо на изградба на нови капацитети.

Извор: Montelnews.com

Сподели:
Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба